“Книгите што сум ги напишал во изминатите 40 години сега се наредени на полицата на мојата библиотека. Ги гледам само нивните рабови на кои се испишани чудни наслови кон кои е придружено моето име. Кога ги гледам, ме фаќа меланхолично чувство. Ги напишав за да ги прочитам, но сега откако тие постојат, кога се конкретни и материјализирани, не можам да го сторам тоа. Вистината е дека откако се објавени, јас не сум можел ниту една од нив да прочитам.

Не можам ниту да ги отворам, ниту да ги прочитам, небаре се закатанчени една во друга. Освен јас, сите други луѓе на светот можат да ги прочитаат, а тоа многу ме фрустрира, небаре живеам во некоја кафкијанска парабола. Тие веќе не се мои книги. Беа мои само додека, ред по ред, сум ги пишувал, на рака, цртајќи ја секоја буква со врвот на пенкалото, смеејќи се и плачејќи над секоја страница. Ги читав пишувајќи ги, затоа што тоа прави писателот – пишува/чита. Но, откако книгите ги зема во рака издавачот, тие за мене засекогаш се отуѓуваат“, рече Мирча Картареску синоќа на врачувањето на наградата „Прозарт“, што му ја додели Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“.

Признанието во Даут пашин амам му го врачи претседателот на одборот за доделување на наградата Ермис Лафазановски, кој и самиот е роден во Романија и го има преведено Картареску.