Новиот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, првиот ден од почетокот на мандатот не успеа да присуствува на стандардното примопредавање на кабинетот и веднаш отпатува за Луксембург на состанок на министрите за надворешни работи на земјите од Европската Унија и од Западен Балкан. На маса на состанокот во Луксембург е темата за евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан, како и модалитетите за зајакнување на соработката и присуството на ЕУ во нашиот регион.
„Огромно е задоволството да се биде во Луксембург, ова е мојот прв работен ден. Да се придружиме на министрите на членките на ЕУ заедно со министрите од Западен Балкан. Да потврдиме колку е важен евроинтегративниот процес за стабилноста на Западниот Балкан. Новата Влада, предводена од Мицкоски, ќе биде силно фокусирана на евроинтегративниот процес, и ќе бидеме силно фокусирани на испорачување на реформи, кои ќе значат значаен напредок, владеење на правото, борба против корупција, и да ја направиме земјата успешна европска приказна“, изјави Муцунски.
Настанот се одржува во рамки на Советот за надворешни работи на ЕУ, а во организација на потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борељ.
Во рамки на посетата, Муцунски ќе присуствува на аудиенција кај Големиот војвода од Луксембург, Анри, како и на работна вечера со министрите за надворешни работи на ЕУ и Западен Балкан на покана на заменик-премиерот и министер за надворешни работи и надворешна трговија на Луксембург, Ксавие Бетел. Од Луксембург, Муцунски заминува во работна посета на Брисел, каде што ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Пред почетокот на состанокот во Луксембург, неговиот грчки колега,министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис, повторно се осврна на полемиката со државава околу употребата на уставното име од новото државно раководство и ги повтори позициите на Грција.
-Државата и политичкото раководство на Северна Македонија избраа да не го користат уставното име – Северна Македонија на домашната сцена. Тоа е флагрантно кршење на Преспанскиот договор кој предвидува дека името на државата ќе биде едно и единствено (ерга омнес) за севкупна употреба и тоа е Северна Македонија“, рече Герапетритис и додаде дека без целосно усогласување со европското законодавство и без почитување на меѓународното право и меѓународните договори членството во ЕУ за земјава е незамисливо.
Италијанскиот министер за надворешни Антонио Тајани, пак, од Луксембург порача дека пред Украина која официјално ќе ги почне преговорите со ЕУ, има многу земји од Западен Балкан кои треба да се приклучат на Европската Унија и изрази надеж дека тоа ќе се случи пред 2030 година.
(М.С.)