Музичката дива Тереза за своите впечатоци од ручекот со францускиот претседател Макрон: Не се направив препотентна поради тоа, го живеам најнормално овој живот на земјината топка, свесна дека ниту јас сум вечна

1103

Легендарната музичка дива, харизматичната Тереза Кесовија не престанува деновиве, и тоа со причина, да ги открива деталите од средбата и ручекот со францускиот претседател Емануел Макрон. Тој неодамна беше во официјална посета на Загреб, а по службениот дел во негово друштво заслужено се најде и славната Тереза. Оваа јужњачки темпераментна пејачка е родум од Дубровник и има остварено исклучително богата 20-годишна музичка кариера и во земјата на Макрон, во Франција, во која најпрво се прослави со хитот “Ларина песна“ (“La Chanson de Lara“) бидејќи е првата на светот која во својот оригинал ја испеа, а како музичка тема од филмскиот спектакл “Доктор Живаго“. Токму Тереза во живо на Макрон му ја пееше оваа балада на ручекот во загрепскиот хотел “Еспланада“.

– И не се направив препотентна поради тоа. Разговарав потоа со сите новинари. Јас сум обична жена на која среќата и се насмевнала. Со мене може секој да дојде во контакт, не сум некоја надуена ѕвезда, го живеам најнормално овој живот на земјината топка, свесна дека ниту јас сум вечна, дека еден ден и мене оној од горе ќе ме прегрне и ќе ме однесе на патот во рај, на патот без враќање. Затоа сум тука со народот, а таков е видов со свои очи и Емануел Макрон, кој поради својата едноставност Французите го обожаваат.

Тереза била и останала легенда во Франција, а го носи и Францускиот медал “Офицер од редот на уметноста“ кој и го додели поранешниот француски претседател, додека овој сегашниот Макрон ја покани да дојде на гости кај него и неговата сопруга Брижита во Париз.
– Тоа е мошне убаво што ме покани, се надевам дека ќе се најде време за таа посета со оглед на неговите претседателски обврски. Уште еднаш да го посетам Париз градот на мојата младост во кој и сега со мислите му се враќам, особено на оние концерти кои ги имав во славната париска “Олимпија“, како и на моите долги вистински пријателства со Жилбер Беко, Серж Лама, Далида, Миреј Матје, Рита Павоне, Шарл Азнавур, Чарли Чаплин, Нана Мускури…

Впрочем, тој Серж Лама и сега е тука присутен во мојата кариера. Ми ги напиша зборовите за најновата француска песна “Kilimandjaro sans neige” која е таму хит, емотивно раскажа 83-годишната пејачка, многу музички активна на естрадната поп-сцена и во овие свои години. (Д.Миќиќ)