Музеј на отворено во водите на Дојранско езеро

75

Струмичкиот завод и музеј промовираше идеен проект за изградба на музеј на отворено во водите на Дојранското Езеро.

Проектот е направен врз база на добиените резултати од досегашните истражувања на локалитетот Мрдаја кои покажале дека Дојранското Езеро ја имало една од најбогатите праисториски наколни населби на Балканот, датирана од преодниот период помеѓу доцното бронзено и железното време.

Населбата била лоцирана на најјужната точка на езерото поставена на четири независни платформи, но меѓусебно поврзани.

– Можеби ќе пробуди интерес кај надлежните овој проект да не остане само како виртуелна презентација, туку да го види светлото на денот и да служи за едукација и презентација на животот во минатото. Сметаме дека населбата била поголема од она што ние го имаме реконструирано. Самиот локалитет не е доистражен и не сакајќи да импровизираме ние даваме предлог за реконструкција четири куќи поврзани со платформа и мостови – вели архитектот Александар Цицимов.

 

Според археологот Зоран Рујак, се работи за исклучително културно наследство кое дава многу појасна слика и нов аспект за тој преоден период.

– Со истражувањата се откриени 61 колец на површина од 300 квадратни метри.  Сиот оној материјал меѓу колците што паднал кога била урната населбата, а е во водите на Дојранското Езеро останал сочуван под наслаги на песок. Една специфична култура која што се поврзува за речиси целиот Балкан со силни влијанија од Егејот, односно Повардарието и долен Вардар, така да едноставно мислам дека на некој начин овој локалитет станува неодминлив во понатамошното изучување на тој преоден период помеѓу бронзеното и железното време – вели Рујак.

Наколната населба на локалитетот Мрдаја не била единствената од таков тип  во Дојран. Археолозите сметаат дека во водите на езерото најверојатно имало уште неколку такви населби. Две локации веќе биле маркирани, а што точно тие кријат треба да покажат следните истражувања.

(З. Ѓ.)