Мрежарината им пречи на оние кои имаат пет стана и фотоволтаици на куќите, јас не можам да им помогнам!

Постојано се шират лажни вести околу поскапувањето на струјата - Бислимоски реагира:

1120

Првиот човек на Регулаторната комисија, Марко Бислимоски, во однос на тоа дали ќе има зголемување на цената на струјата, посочи дека се лажни вести со кои постојано се бори. Тој објасни дека ако се укине мрежарината ќе се зголеми евтината струја за 15 %, а кај потрошувачите од првиот блок  растот ќе биде за 9 отсто. -Мрежарината им пречи на оние кои имаат пет стана и фотоволтаици на своите куќи и јас не можам да им помогнам – дециден е Бислимоски. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и иден премиер Христијан Мицкоски деновиве кажа дека нема да има поскапување на цената на струјата за крајните корисници. -Сакам да ги уверам граѓаните дека владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја врати цената на струјата со тенденција да ја намали кога ќе почне новиот период на регулирање на цената, а тоа е од први јануари, вели Мицкоски

 

Нема начин во овој момент да се намали цената на мрежарина, бидејќи тоа директно ќе ја зголеми цената на електричната енергија. Ова го кажа денеска првиот човек на Регулаторната комисија, Марко Бислимоски, во пресрет на објавата на новата цена на електричната енергија која ќе ја плаќаме со сметките за наредниот месец.

-Ако се укине мрежарината ќе се зголеми евтината струја за 15 %, а кај потрошувачите од првиот блок  растот ќе биде за 9 отсто. Мрежарината им пречи на оние кои што имаат пет стана и фотоволтацици на своите куќи и јас не можам да им помогнам- дециден е Бислимоски и дополни дека мрежарината може да се определи еднаш годишно, обично на крајот на декември согласно постојната методологија.

Што се однесува за тоа дали ќе има зголемување на цената на струјата, Бислимоски посочи дека се лажни вести со кои постојано се бори. Но, тој исто така го коментираше ставот на претставници од пекарската индустрија, кој предвреме ја зголемија цената на лебот, правдајќи се дека тие во голем дел зависат од домашното производство и оти со растот на цената на струјата неопходно е да се зголеми и цената на лебот. Бислимоски им порача на големите пекарски компании дека се законски обврзани да обезбедуваат електрична енергија на слободниот пазар и оти не смеат да бидат снабдувани од ЕВН Хоум.

-Големите пекарски компании во државата, кои обезбедуваат најголем  дел, односно над 90 проценти од потребите за леб, мора да одат на слободен пазар на електрична енергија – реагира Бислимоски на вчерашното Генерално собрание на регулаторите за вода од Европската Унија – WAREG, што се одржа во Скопје.

Првиот регулатор ги охрабрува сите мали потрошувачи кои имаат можност  да се вратат назад на слободниот пазар,а за граѓаните најави дека се планира да се зголеми периодот на евтината тарифа на струја од два на три часа.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар Христијан Мицкоски, деновиве, во неколку наврати се осврна околу цената на струјата и можната корекција. Тој кажа дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја врати цената на струјата ако таа се зголеми, но со тенденција да ја намали кога ќе почне новиот период на регулирање на цената, а тоа е од 1 јануари, но сега не може да интервенира.

Мицкоски објасни дека укажувањето од експертите дека новата Влада може веднаш да понуди пониска цена по која ЕСМ ќе ја продава струјата на универзалниот снабдувач и дека може да покрива 100 проценти од потребите на потрошувачите на регулираниот пазар, а не 85 проценти како што е предвидено со одлуката на техничката влада, не е можно, бидејќи тендерот за набавка на струја од ЕВН е веќе распишан и треба да заврши до петок.

-Јас би сакал да слушнам какво е тоа решение и одма ќе го имплементираме ама да не го загрозиме снабдувањето на потрошувачите. Ако се прекине тендерот ќе го загрози снабдувањето на потрошувачите, затоа ветувам дека при следно нивелирање на 1 јануари цената на струјата ќе биде вратена со тенденција да ја намалиме, вели Мицкоски и нагласи дека универзалниот снабдувач, кој претходно имаше маржа 11 проценти, сега има маржа 9,9 проценти, што значи  дека кога сето тоа ќе се стави во конечната формула  нема  да има поскапување на цената на електричната енергија за крајните корисници.

Според него, друг проблем е што цената на дистрибуцијата, односно на ниско напонското ниво на кое е сопственик ЕВН и цената на преносот на државната компанија МЕПСО се нивелираат еднаш годишно.

-Тоа е на почетокот на годината, не може сега да ги нивелираме односно на пола година. Само цената на електричната енергија со која што компанијата која конкурира на тендерот ја испорачува до снабдувачот може да се нивелира. Тоа е во случајот ЕСМ. ЕСМ нема според закон обврска да испорача 100 проценти, дури нема обврска николку проценти да испорачува. Поентата е дека сето она кое сега се случува може да се коригира и ќе се коригира на 1 јануари, потенцира Мицкоски.

Тој уште еднаш најави дека уште во првите работни денови на новата влада ќе има странска инвестиција во енергетиката од 450 милиони евра и дека потоа во првите 100 дена ќе следуваат две нови странски инвестиции, проширување на две постојни инвестиции. Исто така потсети и за кредитот од една милијарда што веќе го најави, кој, како што кажа, ќе значи голема ликвидност за буџетот и пари кои ќе бидат наменети за капитални инвестиции.

-На почетокот ќе имаме една огромна странска инвестиција во делот на енергетиката. Таа би требало да се случи уште во првите два – три работни дена на новата влада, со што Македонија ќе биде енергетски независна. Тоа е огромна инвестиција во обновливата енергија, 400 – 450 милиони евра нешто што се нема случено во регионот и тоа претставува мој личен приоритет, час поскоро таа инвестиција да се заврши. Тоа само ќе покаже кои се вистинските намери на оваа влада и јас тука немам никаква дилема дека во тој дух ќе продолжиме, нагласи Мицкоски.

(В.Ма.)