Маестрата на своите инструменти: Дамјан Деуриќ на клавијатури, Андраш Иштван на бас, Емил Крањчиќ на тапани, како и двајцата врвни пејачи, Ливио Берак, кој е добар гитарист, и Тони Јанковиќ, кој беше и во првиот состав на бендот, и лидерот на „Дивље јагоде“, Зеле Липовача, уште еднаш докажаа зошто сè меѓу најдобрите, зошто траат толку долго
–
–
Иако салата во “Македонската филхармонија“ не беше полна, дури на моменти и тажно за гледање, сепак, ексјугословенската рок-атракција, „Дивље јагоде“, направи расположението да биде максимално. Рецептот за успех е едноставен: кога, од љубов кон својата работа, даваш сè од себе и за 500 и за 5.000 луѓе, кога свириш речиси три часа со голем ентузијазам. Токму тоа го направија момците од „Дивље јагоде“!!!
Интересно е и тоа што овој бенд за првпат во кариерата одржа акустично-електричен коцерт (во одлична организација на „Сцена продукција“). Токму затоа и е избрана салата во “Македонската филхармонија“, за ваква поинтимна музичка дружба. А, „Дивље јагоде“ звучеше повеќе од одлично. Секој што беше присутен, имаше причина да биде исполнет со големо задоволство.
–
Душата ни се наполни, ги слушнавме големите ексјугословенски рок-хитови „Криво је море“ и „Једина моја“, а „Марија“ ја отпеаја сите заедно, со вклучени светилки на мобилните. Колку се добри, покажаа и во рок-обработката на народните песни, босанската „Мој дилбере“ и нашата „Македонско девојче“. Публиката уживаше и во хеви-метал и во хард-рок звукот во дел од новите песни од новиот 13. албум по ред – „Прати моје старе трагове“.
–
–
Групата „Дивље јагоде“ ја сочинуваат маестрата на своите инструменти: Дамјан Деуриќ на клавијатури, Андраш Иштван на бас, Емил Крањчиќ на тапани, како и двајцата врвни пејачи, Ливио Берак, кој е добар гитарист, и Тони Јанковиќ, кој беше и во првиот состав на бендот. Со тоа, лидерот на „Дивље јагоде“, Зеле Липовача, уште еднаш докажа, а и кажа на пресот, дека се уверил во тоа зошто сè уште е меѓу најдобрите гитаристи во регионот, зошто не се распаднала групата и зошто трае со децении, толку долго.
Едвај успееја да го завршат концертот поради воодушевената публика, мала, но вистински одбрана. Сите бучно и заедно го пееја, сигурно, најголемиот хит на бендот – песната „Мотори“!!! Д.М.