Морбилите не стивнуваат, ќе се вакцинира и на терен !

42

До крајот на оваа недела ќе се изврши проценка колкав е бројот на невакцинирани или вакцинирани деца со една доза меѓу учениците. Од следната недела се очекува да започне вакцинацијата на терен


Смртта на трите бебиња од морбили не го зголеми интересот на родителите за да ги вакцинираат нивните деца со вакцината МРП. Од 15.000 деца, само 6.500 се вакцинирани, број кој не ги задоволува властите. Дел од родителите, загрижени од ширењето на епидемијата, ги вакцинирале своите деца, додека некои други се уште одбиваат да го сторат тоа, иако според лекарите, ваквата постапка ги загрозува и другите деца.

Од Инфективната клиника во Скопје вчера информираа дека во текот на изминатите 24 часа евидентирани се седум новозаболени со мали сипаници, од кои две лица се задржани на хоспитализација. Едниот е возрасен на 38-годишна возраст од Кисела Вода, со непознат вакцинален статус. Другото е дете на две иполгодишна возраст од Јурумлери.

До крајот на оваа недела ќе се изврши проценка колкав е бројот на невакцинирани или вакцинирани деца со една доза меѓу учениците. Од следната недела се очекува да започне вакцинацијата на терен.

Од Институтот за јавно здравје велат дека нема начин како да се спречи здраво дете да не се зарази од мали сипаници во болница, каде што оди да се лекува од други болести. Здраво дете лесно може да се зарази од болно дете во болничкиот ходник или во чекалница додека вирусот кај второто е во период на инкубација.

Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле во наредните две недели ги одложи закажаните термини за испитувања алергии, бронхоскопии и други дијагностички методи, по препораката од Комисијата за заразни болести деца со мали сипаници да не се хоспитализираат на Клиниката за детски болести, туку на Клиниката за инфективни болести и во Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле. Ќе се примале само итни случаи, а родителите на децата чии термини се одложени навреме ќе бидат информирани за новите термини.

На Клиниката за детски болести во моментов од сипаници се лекуваат шест деца, од кои две се во потешка состојба. Директорката на Клиниката за детски болести, д-р Катерина Ставриќ, вели дека двете деца кои се на респиратор и се во потешка состојба се на возраст од 6 месеци. Таа уште еднаш препорачува родителите веднаш да ги вакцинираат децата, бидејќи друг начин на заштита нема.

Од Министерството за здравство апелираат до родителите на децата што не се вакцинирани тоа да го сторат во најкус можен рок.

– Вакцините се квалитетни и проверени, од реномиран европски производител”, велат од Министерството за здравство и додаваат дека педијатриските дежурни пунктови во поликлиниките Јане Сандански, Бит Пазар и Ѓорче Петров во работни денови работат од 19.30 часот до 7.30 часот, а за време на викенди 24 часа, информираат оттаму.