„Ниту имаме поддршка од Министерството за образование и наука ниту можеме да бараме донации, бидејќи јавно беше кажано од министерот за образование дека поддршката не е прекината, туку се бара решение. Бидејќи веќе девет месеци немаме никаков писмен одговор, очекуваме тој најитно да се произнесе за да можеме да преземеме понатамошни чекори“, вели Славчо Неделковски, претседател на Управниот одбор на битолското Детско ликовно студио, кое е организатор на светската ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“. Таа годинава ќе се одржи, како што вели Неделковски, „со донации или со кредит“
Битолското Детско ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“, организатор на светската ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“, цели девет месеци чека Министерството за образование писмено да му образложи зошто, по повеќе од 30 години, ненадејно му ја укина поддршката. Според Славчо Неделковски, претседател на Управниот одбор, ова студио, кое денес брои 180 ученици, цели три децении беше под закрила на МОН, образуваше илјадници деца што имаа интерес за ликовната уметност, организираше меѓународна ликовна колонија и изложба и освојуваше награди на светско ниво за одеднаш да остане без основни финансиски средства потребни за неговото функционирање.
„Ние си го бараме статусот според кој бевме на ниво на основно образование, бидејќи работиме со паралелки и со педагози, и треба да го одржиме сето тоа. Од Министерството за образование добивавме средства за струја и за телефон во објектот во кој работиме и кој ни беше доделен од Владата, како и за платата за техничкиот секретар, додека потрошниот материјал, боичките и хартијата сами ги набавувавме. Министерството за образование и наука од седми месец лани ни ја прекина финансиската поддршка и ние сè уште, и во третиот месец од оваа година, немаме писмено образложение по кое би постапувале понатаму. Се консултиравме со правници, се обративме и до претседателот на државата и до премиерот и на средината од ноември од нив добивме допис со кој го задолжуваат МОН да изготви писмено решение за тоа што се случило. Но, сè уште сме без решение и со блокирана сметка иако министерот јавно кажа дека поддршката не е прекината и дека се бара решение. Се соочивме со тоа луѓето што сакаа да ни помогнат да велат дека имаме поддршка, а ние не може да шетаме со документот дека ни е блокирана сметката. Пред три дена, повторно се обративме до претседателот, премиерот и до министерот, затоа што сè уште немаме добиено никаков писмен документ, образложение“, вели Неделковски. Известување за прекин на соработката, вели, добиле по телефон од државниот секретар. Објаснувањето било дека со закон од 2015 г. се забранува Министерството за образоваие да дава директна поддршка на здруженија на граѓани, за што Детското ликовно студио не било известено. Добиле ветување дека ќе се изнајде решение, но тоа до денес, велат, не е направено. Неделковски додава дека била прифатена поддршката од Општина Битола, со која комплетно биле покриени трошоците до крајот на годината, но и дека тоа не е трајно решение.
„Тие средства ни се дадени без никакви побарувања и ние опстојувавме за да влеземе во новата календарска година и за да можеме да го организираме ‘Монмартр’“, посочува Неделковски.
Со оглед дека Детското ликовно студио добива средства за проектите од Министерството за култура, го прашавме Неделковски дали тие се доволни за нивна реализација.
„Министерството за култура има двојни стандарди за тоа што е дадено на една организација. За ‘Мал битолски Монмартр“, оваа година добивме 158 илјади денари. Добивме и за светскиот ликовен конкурс и изложба ‘Битола’, како и за гостувањето во КИЦ во Тирана. Многу е неблагодарно кога се собираат сумите и министерката вели дека 240 000 денари е најголемата сума што досега ја дале, иако во 2018 г. добивме 600 илјади денари. Ние спориме по еден основ. Добивме нула денари за проектот ‘УНЕСКО-колонија за млади’, за кој аплицираме 20 години. Ја обжаливме таа одлука и чекаме решение. Минатата година, освоивме второ и трето место од можните три. И годинава очекувавме средства, бидејќи освоивме награди и го оправдавме учеството, но одбиени сме. Инаку, сериозно се смешни сумите, бидејќи е невозможно со нив да се пречекаат учесниците од другите земји, да се платат храната и сместувањето додека трае детската колонија. Ова е стара тактика да нè фатат на кондиција и време, да не бараме ништо, но ние имаме сериозен проблем. Ниту имаме поддршка од МОН ниту можеме да бараме донации, бидејќи јавно беше кажано од министерот за образование дека поддршката не е прекината, туку се бара решение. Затоа очекуваме тој најитно да се произнесе за да можеме да преземеме понатамошни чекори“, вели Неделковски.
Инаку, Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј” – Битола, само во првите три месеци од 2О23 година, на три светски детски ликовни конкурси освои над 30 награди, од кои 15 од УНЕСКО – Франција, а последните се од Светскиот детски ликовен конкурс и изложба на млади ликовни таленти и уметници во Нова Загора, Бугарија, каде што се наградени: Матеј Јаневски (9 години), Јана Сивакова (9 години) и Сара Наумовска (14 години). Од Студиото посочуваат дека со средствата од Министерството за култура не можат да се покријат ниту 20 проценти од проектите по кои е препознатливо ова Студио во светот, затоа биле прегледани најавите за донации, но и евентуално земање наменски кредит.
„Беа претставени и извештаи од средбите со челниците на УНЕСКО, но и со еврокомесарот за култура , образование, наука, спорт и млади. Детското ликовно студио ‘Свети Кирил и Методиј‘ – Битола, со тоа, на УО донесе одлука со која ќе ги реализира 41. светски детски ликовен конкурс и изложба ‘Битола’ и 42. издание на светската детска ликовна колонија ‘Мал битолски Монмартр’. Воедно беше контатирано дека заклучно со 15 март 2О23 година, на светскиот детски ликовен конкурс ‘Битола’ пристигнале 65О пратки од 71 држава, кои генерирале фонд од над 44.000 детски ликовни цртежи од над 38.000 ученици од целиот свет“, велат од Детското ликовно студио од Битола, кое чека да му се реши судбината.
Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј” – Битола оваа 2023 слави 55 години од своето основање и како примарна цел ја има бесплатната едукација на млади ликовни уметници и таленти, при што само за учебната 2022-2023 година во него членуваат над 180 ученици. Иако побаравме информација од МОН за тоа зошто сè уште нема писмено известување за статусот и финансирањето на Детското ликовно студио од Битола, одговор сè уште не добивме. (Д.Т.)