Чаир, Аеродром и Кисела Вода добиваат монтажни катни гаражи и нови „пајаци“

4405

Бројот на нови паркинг места ЈП „Градски паркинг“ ќе го зголемува со ваков тип монтажни катни гаражи.  За да се овозможи подигнување на возила кои се наоѓаат на непристапен терен, предвидено е да се инвестира во едно помало специјално возило со броила за извлекување на возила кои се паркирани на места непристапни за стандардните пајак-возила и три големи специјални возила: две со проширена и продолжена платформа на кое би можело да се преместуваат две возила исто време и уште едно големо специјално возило за подигање комбиња, со спуштена платформа. Во овој тригодишен план, предвидено е да се набават и четири специјални возила „пајак“

Јавното претпријатие „Градски паркинг“ во наредниот период предвидува да  поставени монтажни- демонтажни катни гаражи. Ваков тип монтажни катни гаражи претпријатието планира да постави во Чаир, Аеродром и Кисела Вода.

– Со воведувањето на  фаст-парк систем односно, монтажно – демонтажни конструкции онаму каде што тоа го дозволува просторот или на веќе постојните паркиралишта, има можност за зголемување на бројот на места за паркирање дури до 100 проценти – се наведува во Развојниот план за одржување, изведба и стопанисување на јавните паркинг простори на подрачјето на градот Скопје за периодот 2023 – 2025 година кој е на дневен ред на наредната седница на Советот на Град Скопје што треба да се одржи в четврток.

Воедно, се планира и унапредување на системите за паркирање, а ќе се работи и на лоцирање на нови јавни површини на кои би се организирало и уредило паркирањето за потребите на граѓаните со нови сообраќајни решенија, на пример на одредени улици да се воведе еднонасочен режим на сообраќај, со што ќе се добијат доволен број места за улично паркирање на крајните десни коловозни ленти.

Годинава е предвидено ЈП „Градски паркинг“ да почне со поставување на читачи на регистрации. Наредната и во 2025 година во план е да се започне и инвестирање во имплементирање на паметни решенија на паркирање кои овозможуваат да се намали метежот во сообраќајот при барање слободно паркинг место низ улиците со што се придонесува во намалување на загадувањето.

– Паметниот систем на паркирање на возачите им овозможува преку апликација на „паметните телефони“ да го олеснат и направат удобен процесот на барање паркинг место (или дури и да резервираат место за паркирање, да платат за услугата итн.). Да се ​​знае точно колку возила се наоѓаат на паркиралиштето во точно определен момент е основата на паметното решение на паркирање. Откривајќи ја достапноста на паркинг-просторот во реално време, ќе помогне да се поврзат и оптимизираат сите три досега воведени начини на паркирање: зонско паркирање, паркирање во катни гаражи и „затворени“ јавни паркиралишта (оние кои употребуваат рампа на влезно- излезниот систем) – се објаснува во Развојниот план.

Една од целите на овој пристап е да се избегне метежот што се создава при барање слободно место за паркирање, многу возење наоколу согорува многу гориво и издувни гасови дневно. Информациите во реално време за слободни паркинг места во град Скопје граѓаните ги добиваат преку поставени информативни табли.

ЈП „Градски паркинг“ планира да го прошири својот возен парк со набавка на нови специјални возила „пајак“. Ќе се инвестира во едно помало специјално возило со броила за извлекување на возила кои се паркирани на места непристапни за стандардните пајак-возила и три големи специјални возила: две со проширена и продолжена платформа на кое би можело да се преместуваат две возила исто време и уште едно големо специјално возило за подигање комбиња, со спуштена платформа. Во овој тригодишен план, предвидено е да се набават и четири специјални возила „пајак“. Подигнатите возила би се чувале на нови депоа  во Карпош и во Гази Баба.

Претпријатието планира и да работи на зачувување на животната средина и тоа со поставување соларни панели, сензори за детекција на движење, како и поставување на лед светилки во сите објекти со кои располага претпријатието (катни гаражи, куќарките на паркиралиштата, канцелариите, ходниците итн.) – велат од претпријатието.

Во најголем дел се планира инвестициите да се финансираат од сопствени извори на приходи на ЈП „Градски паркинг“, со вршење на својата основна дејност – давање на услуга паркирање, како и отстранување на непрописно паркирани возила.                  (А.П.)