Годинава НААДАМ во Монголија се одбележува во знакот на повеќе јубилеи, 2.229 години од основањето на првата монголска држава (Хунска Империја) потоа 813 години постоење на големата Монголска Империја, како и 98 години од прогласувањето на независна самостојна држава во 1921 година. По тој повод, почесниот конзул на Монголија во Македонија, господинот Литов Намдаг Жанчивин, ексклузивно за дневниот весник „Вечер” зборува за монголскиот национален празник НААДАМ, за историјата на нацијата, за традицијата и за политичко-економскиот систем, како и за надворешната политика на Монголија

Почесниот конзул во Македонија Намдаг Жанчивин во монголска облека

НААДАМ е традиционален празник на Монголите, кој нашите предци го славеле уште од древните времиња. Празникот НААДАМ е општонародно празнување кое во основа се состои од три традиционални спортски игри, популарни кај народот со векови.

Првата е борење во монголски слободен стил. Учествуваат околу 512 борачи кои се избрани со претходна селекција. Интересно да се каже дека во монголското борење не постојат возрасни или тежински категории.

Потоа следуваат коњските трки, каде што постојат неколку дисциплини во однос на возраста на коњите. Јавачи на коњи во трките се деца на возраст од пет до десет години. Легендата за врската на монголскиот човек и коњот е нашироко опишана во историските записи, која трае до ден-денес.

Третата популарна игра е стрелање. Стрелањето е тесно врзано за опстанокот на монголските племиња од прастарите до денешни времиња. Во оваа игра има дисциплини кои се посебно пропишани за мажи и жени. Мажите мора да стрелаат 40 стрели на растојание од 75 метри, додека жените треба да стрелаат 20 стрели на растојание од 60 метри.

Монголската нација има фасцинантно историско минато, народ кој опстанува во централноазискиот континентален простор, со вековна традиција, култура, писменост и огромни културно-историски наследства.

Обединувајќи ги  монголските номадски племиња, распрснати во бесконечниот степски простор на централна Азија, Џингис Кан формирал „Обединета Монголска држава” во 1206 година.

Завојувајќи огромна територија, која  се простирала од Јужнокинеските Мориња сè до централна Европа, поврзувајќи го Евроазискиот континент Џингис Кан востановува „Моќна Монголска Империја” која без преседан е најголемата  империја што постоела во историјата на нашата планета, раскажува за весникот „Вечер“, почесниот конзул на Монголија во нашава земја, Литов Намдаг Жанчивин.

НААДАМ празник на Централниот плоштад  во Улан Батор

Големата Монголска Империја траела речиси 400 години, односно до крајот на XV  век, во владеење од неговите потомци, синови, внуци и  праправнуци.

Огромен број историски документи, книги, написи, осврти и белешки од познати светски историчари, патописци и авантуристи сведочат за тоа како воопшто се случило да изгради таква огромна империја, како била организирана и како мноштвото нации кои припаѓале на империјата живееле во една хармонија без разлика на нивната раса, религиско убедување и културна традиција.

Тогаш е воведен совршен систем на т.н. „коњаничка брза пошта” и првпат е трасиран познатиот „свилен пат” овозможувајќи директна комуникација за слободна трговија и слободно разменување на придобивките на таквата обединетост на народите на Евроазискиот континент.

Историската книга „Тајната историја на Монголите”, напишана од монголски автори во 12 век е бесценето културно наследство на Монголите и светско литературно ремек-дело. Додека пак историскиот роман „Новости од светот”, од познатиот италијански авантурист и патописец Марко Поло, кој поминал 18 години во служба на големиот монголски Кублај Кан, или книгата „Белешки на моето патување во Исток”, напишана од католичкиот свештеник Вилхелм Рубрук, кој бил пратен во исток од Француската католичка црква или пак книгата „Хроника на Сутра” од Рашид Ад Дин, оставија јасна слика за целокупната историја за големата империја.

Книгата  “Тајната историја на Монголите” од  XII век се преведува на македонски јазик од старо монголски

Во 1990 година, во Монголија е востановена демократска власт, преминувајќи во повеќепартиски систем во внатрешното политичко уредување и пазарно ориентирана економија. Новиот Устав е конституиран во 1992. По најновото спроведување на парламентарни избори во 2016 и претседателски избори во 2017 година, политичкиот и социал-економскиот развој во земјава се развива интензивно во споредба на претходните децении и години. Монголската држава има парламентарен демократски систем како што е утврден со новиот устав на Монголија.

Парламентот – Големиот Хурал на Монголија се состои од 76 места, а претседателот на парламентот се избира со гласови од самото парламентарно мнозинство. Монголија се состои од 21 самостојна административна областа и шест самостојни општини во главниот град Улан Батар.

Магичната пустина Гоби

Монголската економија спаѓа меѓу најбрзо растечките економии во светот. На што се должи тоа? Големиот број на странски инвестиции во областа на рударската индустрија, експлоатација на бројни рудни богатства како што се кокс, термален јаглен, бакар, злато, ураниум, сурова нафта и многу други во повеќе наоѓалишта, речиси 65 отсто од елементите на периодичната табела на Менделевиот систем се пронајдени на територијата на Монголија. По потенцијални резерви на ретки метали, Монголија е на второ место во светот, по Кина, а пред независните држави на Комонвелтот. Како пример може да се наведе дека Монголија годишно извезува милиони тони кокс и термален јаглен во Кина или, на пример: Монголија е втора во свет со потенцијални резерви на ураниум по Австралија, во приближна вредност од 120,8 милијарди долари итн. Иако традиционалното номадско сточарство сè уште е една од главните стопански гранки, покрај рударско-индустриската и земјоделската гранка. Самата географска местоположба овозможува да имаме најголем трговско-економски соработки со нашите два големи соседа – Кина и Русија. Монголија има одлични политички, економски и туристички врски не само соседите туку со сите азиски земји, особено со Јапонија и со Јужна Кореја. Монголија воспостави тесна соработка со земјите – членки на ЕУ, има привилегиран статус со сите земји членки на ЕУ во областа на трговска размена, вели Монголскиот конзул за весникот ВЕЧЕР.

Прием “Mongolian Tea Morning” организиран од Почесниот конзулат  во хотелот Холидеј Ин во Скопје – Н.Е. Амбасадор на Монголија г. Д. Батсаихан со сопругата Т. Тушвин , прв секретар во Амбасадата  и Литов НамдагЖанчивин почесен конзул на Монголија. 

Меѓу Монголија и Република Македонија се воспоставен дипломатски односи на 25 јуни 1995 година, со претходно признавање на независност и самостојност на Република Македонија со уставното име.  Денес, со задоволство  истакнуваме дека во организација на македонското МНР и Амбасадата на Монголија со седиште во Софија, во координација со почесниот Конзулат на Монголија во Скопје, ние свечено го одбележавме јубилејот на 20-годишнина на воспоставување на дипломатски односи меѓу нашите две земји во 2015 во Скопје.

– Во изминатите 24 години успешно се развива соработката меѓу нашите земји како во билатерален план, во политичко-економски, образовен, културно-уметнички и во областа на туризмот. Но, ќе нагласам дека постојат уште многу други можности да се унапредат посебно во инвестиција за рударска, земјоделска и прехранбена индустрија, деловно поврзување на бизнисмените во конкретни области за кои ќе имаат интерес, а Амбасадата на Монголија и почесниот Конзулат на Монголија вложува максимални напори да се реализираат тие активности, истакна за весникот „Вечер“, Намдаг Жанчивин.

Меморијалниот Комплекс посветен на големиот император Џингис Кан  во местото “ConzinBoldog” во близина на главниот град Улан Батар

 

Атракција- борачи на празникот НААДАМ 

 

Почесниот конзул во посета на Редакцијата на весникот ВЕЧЕР

 

Монголија е лоцирана во Централноазиската висорамнина и се простира на територија од 1.564.116 километри квадратни, како 19. најголема држава во светот. Се одликува со најразлични географски предели, со пустината Гоби долж појужната гранична линија, непрегледните степски рамнини во југоисточниот и централниот предел и високите планински формации Алтаи-Хангаи, густи шуми, реки и езера во северните делови на територијата на Монголија. Монголија се граничи со НР Кина на југ и со Русија на север.

Во 2015 година беше роден тримилионитиот жител на Монголија и настанот бесе свечено одбележен на државно ниво.  Национална валута е тугриг. Службен јазик е монголскиот. Писменоста изнесува 98,2 отсто од вкупното население. Извозот изнесува преку милијарда долари, додека пак увозот е околу 860 милиони долари. Инфлацијата е на ниво од осум отсто, а невработеноста е околу 7,8 проценти.