Преживував со 100 денари дневно, а сега помагам колку што можам!

Ова не е првпат момците од дуото ДНК, Андреј и Панчо хуманитарно да им помогнат на сиромашните луѓе. Уште памтиме дека тие лани донираа за шестчлено семејство од Скопје, а донираа и за пошумување на езерото Младост во Велес. Често одржуваат и хуманитарни концерти. Панчо зад себе има своја тажна животна приказна. Тој јавно раскажал дека со својата мајка (која во меѓувреме почина) преживувал со 100 денари дневно, па затоа има потреба да им помага на луѓето онолку колку што може. Господ е голем, добро со добро се враќа! Откако деновиве се појави тажната приказната за Јордан од Велес и неговата болна мајка, дуото ДНК веднаш се јавија за помош.
Панчо и Андреј во Велес дојдоа кај Ангела Јованова и нејзиниот син Јордан. Тие им однесоа храна, шпорет на дрва и средства за хигиена. Сликите и впечатоците за тоа што виделе во куќата на Јордан и Ангела, ги споделија на „Фејсбук“ со свој емотивен коментар:

(сиромаштијата на Јованови)

-Откако на Телевизија 24 ја слушнавме потресната приказна за велешанецот Јордан, кој сам се грижи за својата болна мајка Ангела одвоивме време и отидовме да помогнеме онолку колку ни дозволува нашиот буџет. Тетка Ангела беше пресреќна и нè покани да седнеме до неа и да поразговаравме, не само за лошите работи. Иако болна и со синот Јордан оставени на цедило од државата, двајцата беа одлични домаќини и ни се заблагодарија за тоа што сме одвоиле време и средства за да им помогнеме.
Јас само би додал дека така се сака мајка, бидејќи е една, а токму нејзиниот син Јордан е пример за сите нас. Секогаш со неа и до неа, посветувајќи ѝ го несебично неговиот живот, но на кого друг би го посветил ако не на жената која го донела на овој свет, го изгледала и пружала безусловна љубов. Факт дека живеат во прелоши услови, но благодарение на сите добри луѓе веруваат дека условите ќе им се подобрат и дека ќе може да живеат еден нормален живот како што доликува за секое човечко суштество. Ние дониравме храна, средства за хигиена, шпорет на дрва, а сите вие кои можете и сакате да помогнете исконтактирајте го Јордан на 074-600/659“, напишаа „ДНК“./foto:FB/