Момент на вистината во Собрание: Психолози ќе одлучуваат кој ќе стане пратеник

Околу 300 лица, кои ги поминаа партиските филтри и влегоа во најтесниот избор за кандидатска листа за пратеници, неодамна поминаа низ уште една селекција. Станува збор за психолошки тестирања, кои првпат за нивните кандидати ги воведуваат во најголемата опозициска партија. Прашањата, по кои треба да се направи проценката, велат нашите извори се главно од секојдневниот живот, но има и прашања во кои евентуалните кандидати за функционери треба да ја опишат нивната реакција во дадена специфична ситуација. Имало и лични прашања, но и прашања од општа култура

673

Дали одите во театар, дали сте религиозни, дали во вашето друштво има хомосексуалци… се дел од прашањата на кои одговараа кандидатите за пратеници во најголемата опозициска партија, на психолошкото тестирање што го спроведе партијата пред конечно да го заклучи нивниот список со кандидати за пратеници.

Околу 300 лица, кои ги поминаа партиските филтри и влегоа во најтесниот избор за кандидатска листа за пратеници, неодамна поминаа низ уште една селекција. Станува збор за психолошки тестирања, кои првпат за нивните кандидати ги воведуваат во најголемата опозициска партија. Извори од ВМРО-ДПМНЕ за весникот ВЕЧЕР брифираат дека се работи за сериозни тестови изработени од стручни лица.

На прашањата, на кандидатите им биле понудени категоризирани одговори, односно, требало да одговорат со опциите  „Многу често“, „Само понекогаш“, „Не, воопшто“ и слично. Прашањата, по кои треба да се направи проценката, велат нашите извори се главно од секојдневниот живот, но има и прашања во кои евентуалните кандидати за функционери треба да ја опишат нивната реакција во дадена специфична ситуација. Имало и лични прашања, но и прашања од општа култура.

Идните народни избраници, како што се коментира во партиските кругови требало да знаат и што е парамециум, а што се мекотели, ако сакаат да се најдат на пратеничката листа за предвремените парламентарни избори, закажани за 12 април.

Тестирањата за можните кандидати за пратеници се спровеле на почетокот од овој месец. Тестирањето траело околу 2 часа, а секој од кандидатите требало да одговори 250 прашања.

Психолошките тестови не се гаранција

Очекувањата се дека овие тестови и ваквата практика ќе ја намалат можноста за корупција и ќе го зголемат интегритетот на народните избраници. Социологот Илија Ацески не е сигурен дали овие тестови ќе дадат гаранција дали некој политичар ќе остане некоруптивен.

-Не знам дали со тестови ќе се постигне нешто, во нашата држава треба да има конзилијарно мислење за сите кандидати, од сите партии. Не знам дали постои таква гаранција што може да се даде што е нормален политичар. Во нашава држава секој политичар си има свои бизниси, и невозможно е да остане психолошки нормален и некоруптивен. Политичкото поле кај нас се претвори во поле за брза заработувачка. Кога доаѓа на позиција, македонскиот политичар само гледа како да си окрупни неговите бизниси. Тие психолошки тестови што се прават за политичари, всушност треба да покажат дека политичарите нема да бидат криминалци, а во пракса сите тестови покажуваат дека криминалците се психолошки многу стабилни типови. Она што кај нас е неопходно е судството да профункционира , да завршат со разрешница сите овие случаи кои се отвори, и ако тоа се случи мислам дека никој нема да сака да стане политичар, коментира Ацески во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Според предвидените рокови, листите со кандидати за пратеници во шесте изборни единици треба да бидат доставени до полноќ на 12 март. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека нивните кандидати ќе ги објават во првата недела од март. Изборната кампања трае 20 дена, според роковникот на Државната изборна комисија ќе започне на 23 март, а ќе заврши на 10 април на полноќ.

 Претходно укината обврска

Пред околу две години актуелна власт го укина условот директорите кои ќе се назначат во државните установи и институции да имаат положен психолошки тест и тест на интегритет. Со тоа се укина обврска што ја воведе Владата на Никола Груевски во 2013 година, а која требаше да ја реформира јавната администрација и да го подобри квалитетот на јавните услуги.

– Иако психолошкиот тест е често користена алатка за проверка на психолошките карактеристики на кандидатите за определени работни места, проблем претставува фактот што во Република Македонија не постојат овластени правни лица кои располагаат со соодветен стручен кадар за развивање соодветни психолошки текстови за секоја различна работна позиција, вклучувајќи ги и избраните и именуваните лица, стоеше во законските измени.

Опозицијата, која сега спроведува психолошки тестирања за нивните кандидати уште тогаш реагираше на укинувањето на обврската за психолошки тестови. Велат, не е точно дека во земјава нема релевантна институција, која може да го спроведува психолошкиот тест. Тоа може да го прави Агенцијата за државни службеници, која ќе стои зад психолошките тестови и тоа може да го направи бесплатно.

Лилјана Затуровска од ВМРО-ДПМНЕ смета дека тестовите за именуваните функционери не требало да се укинуваат и забележа дека за ова требало да се отвори широка дебата со цел критериумите за вработување да се унапредат.

– Можеби треба да се договориме и да разговараме и за пратениците да воведеме психолошки тестови. Ова се практики, кои се користат и во други напредни земји. Сето ова се прави со цел да се партизираат институциите – предложи пред две години Затуровска од собраниската говорница.

Психолошкиот тест и тестот на интегритет беа воведени во 2013 година, а беа критикувани од тогашната опозицијата и од дел од јавноста како непотребни и бесмислени. Во светот психолошките тестови се употребуваат во многу различни области и со многу различни цели. Се употребуваат во војска, полиција, здравство, социјала, образование, наука, менаџмент на човечки ресурси… Се употребуваат за професионална селекција, професионална ориентација, во дијагностички цели, психотерапија… Единствено што се бара од психолозите е да постапуваат по етичките кодекси при нивната примена.

Јованка Царулеска Груевска