Можно е повторно затворање на градинките

Комисијата за заразни болести прави анализа за зголемениот процент на позитивни, но и случаи предизвикани од ковид-19. Директорот на Здравствениот дом Скопје Виктор Исјановски, вчера истакна дека Комисијата за заразни болести денеска наутро ќе се состане и за да ја разгледа можноста за воведување дневен престој во училиштата, а одлуката ќе зависи од епидемиолошката слика. Исјановски не ја исклучи и можноста за затворање на градинките, доколку дојде до влошување на состојбата со Ковид-19, каде веќе има неколку случаи на дечиња заболени од корона вирусот.

474

Црна статистика забележа Македонија минатата недела. Неколку дена по ред беше зголемен процентот на позитивни случаи од вкупниот број направени тестови, но имаше и голем број на смртни случаи. Според министерот за здравство Венко Филипче имавме тренд на опаѓање од 10 проценти, стигнавме до некаде 6,5, а сега е околу осум. Филипче соопшти дека деновиве, вклучително и викендот, се прават анализи за зголемениот процент на позитивни случаи. Таа анализа, најави тој, ќе заврши најверојатно денеска или во следните први денови од неделата и врз основа на тие проценки ќе кажат на што се должи и дали треба евентуално нешто дополнително да се преземе.

– Секаде каде што има нови случаи, превентивните мерки не се почитувани. Мора сите да сфатат дека така ќе живееме и само така ќе се заштитиме. Само со придржување до превентивните мерки можеме да излеземе од кризата. Станува збор за исклучително тешка болест што се манифестира во една тешка клиничка форма. Многу често разговараме, практично секојдневно со директорите на сите клиники и болници каде што се лекуваат овие пациенти, за апсолутно сите, се презема сè. За жал има и млади починати, дел од нив се со сериозни коморбидитети, ситуација која за жал ја намалува шансата за добар исход, изјави министерот Филипче.

Директорот на Здравствениот дом Скопје Виктор Исјановски, вчера истакна дека Комисијата за заразни болести денеска наутро ќе се состане за да ја разгледа можноста за воведување дневен престој во училиштата, а одлуката ќе зависи од епидемиолошката слика.

-Последната информација што ја имавме во Комисијата е дека нема да има целодневен престој. Утре наутро имаме состанок, ќе ги видиме ставовите на Министерството за здравство, на министерот за здравство, на членовите на Комисијата, истакна Исјановски.

Исјановски вчера не ја исклучи и можноста за затворање на градинките, доколку дојде до влошување на состојбата со Ковид-19, кои, пак се отворија на почетокот на месецот, но веќе има неколку случаи на дечиња заболени од корона вирусот.

-Да, можно е повторно затворање на градинките, можно и да се преземат одредени мерки и да се дадат насоки од Комисијата кон Владата, рече Исјановски, одговарајќи на новинарско прашање.

Во пресрет на почетокот на учебната година, која поради корона кризата ќе стартува на 1 октомври, а Комисијата за заразни болести ја разгледуваше и можноста за воведување целодневна настава во основните училишта, со оглед на тоа што наставата со физичко присуство, која е предвидена за деца до трето одделение ќе биде скратена. Филипче истакна дека е направена анализа за бројката на деца кои би требало да останат во училиште и по завршувањето на часовите во смена.

-Ќе се донесе позитивна одлука исто како што се носи одлука и за исклучоците во сите други училишта, односно ако бројката на децата е толку мал да никако не ја загрозува нивната безбедност, односно да нема дополнителен епидемиолошки ризик што одредена група на деца ќе остане и после завршувањето на смената. Предност што е тоа истата група на деца, значи не се зголемуваат контактите, тие биле во контакт претходно, сега само се зголемува времето на престојот, појасни Филипче.

Премиерот Зоран Заев и министерката за образование Мила Царовска в петокот ја презентираа првата Национална онлајн платформа преку која ќе се одвива новата учебна година. Следи период за прилагодување на наставниот кадар, учениците и родителите. Новата алатка, според надлежните, треба да биде значаен ресурс и по надминување на кризата со коронавирусот.

За 40.000 ученици што немаат ИТ-уреди за да следат настава преку националната платформа за учење од далечина, часовите што ќе ги одржуваат наставниците ќе се снимаат и потоа ќе се пренесуваат во одредено време на националната телевизија. Целта е, како што велат од МОН, децата коишто немаат уреди за следење на онлајн настава во време на Ковид-19 да добијат можност за учење како и другите деца.

Наставниците ќе имаат обврска редовно да комуницираат со децата и нивните семејства и да следат колку напредуваат во учењето. Приоритетната и најважната цел, велат од МОН, е да се обезбеди пристапност до наставата за секое девојче и момче во државата, без разлика каде живее.

МОН објави и видео во кое се прикажани протоколите кон кои ќе треба да се придржуваат учениците, наставниците и родителите со враќањето на децата во училниците од 1 октомври.