Можностите за инвестирање во земјава претставени на бизнис форуми во Истанбул и Бурса

50

Можностите и условите за инвестирање во Северна Македонија на два одделни бизнис форуми во организација на Стопанската комора за индустрија и трговија од Бурса и Индустриската комора на Истанбул, вчера и денеска ги претстави министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска.

Имаме законски втемелена и транспарентна рамка за привлекување на нови инвестиции, со силна институционална поддршка која гарантира безбедност и долгорочен развој за бизнисот, стабилни и развојни економски параметри кои ја прават Северна Македонија атрактивна за нови инвестиции, порача Апостолска.

Пред присутните претставници на бизнис заедниците од Бурса и Истанбул, зборувајќи за деловниот амбиент во Северна Македонија, министерката Апостолска истакна дека владините економски политики содржани во мерките од Планот за економски раст создадоа атрактивно економско опкружување во кое странските компании се повеќе препознаваат интерес за отпочнување и водење на бизнис.

Со напорна работа ја стабилизиравме економијата и овозможивме побрз и одржлив развој за бизнисот. Позитивни стапки бележиме во економските индикатори, пет квартали по ред бруто домашниот производ бележи раст над три отсто, индустриското производство бележи раст од над пет отсто, извозот расте со стапки од околу 15 отсто. Во делот на директните странски инвестиции минатата година имавме рекордно ниво од 625 милиони евра, успех кој беше нотиран и од страна на Конференцијата на ОН за трговија и развој (УНКТАД), која Северна Македонија ја препозна како регионален лидер со раст од 260 проценти на странските инвестиции во 2018 година, рече Апостолска.

Осврнувајќи се на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, Апостолска истакна дека ова законско решение се има покажано како посебно успешно во поттикнувањето на нови инвестициски циклуси, што може да биде охрабрувачки и стимулативно и за турските компании во развивањето на своите бизнис планови да се насочат кон Северна Македонија.

Апостолска нагласи дека сега е вистинско време да се започне инвестициски проект во Северна Македонија, поканувајќи ги присутните стопанственици од Бурса и Истанбул да ја посетат земјата и непосредно да се уверат во условите за отпочнување и водење на бизнис.

Министерката Апостолска имаше и неколку билатерални разговори со претставници на турски компании до Бурса и Истанбул, потенцијални инвеститори, кои детално ги информираше за финансиската поддршка што може да ја очекуваат во капиталните инвестиции, креирањето на нови и добро платени работни места, воспоставувањето на деловна соработка со домашни компании, воведување на нови технологии и знаење во производните процеси, како и во делот на отворање центри за развој на технологии.
На форумот во Истанбул за своето позитивното деловното искуство кое го имаат во Северна Македонија зборуваа и претставници на турски компании кои веќе имаат инвестирано и подолго време работат во земјава.