Автохтониот македонски гулаб „вртач“ го има речиси во сите земји од Балканот и Унгарија, но тој лета низ балканското небо без регистрација. Од Здружението „Македонски вртач“ од Струмица велат дека мораме што побрзо да го запишеме во регистарот на Европскиот сојуз на одгледувачи на птици и ситни животни, бидејќи може да се случи некој да нè претрка, како што ајварот стана словенечки, а шарпланинецот – српски.
– До целосно признавање како автохтона птица и раса и запишување во регистарот на Европскиот сојуз не дели учество на еден конгрес и одржување на една меѓународна изложба. Битката за регистрирање на нашиот гулаб и запишување во регистарот на европскиот сојуз трае долги години. На еден од конгресите успеавме да учествуваме и го презентиравме нашиот гулаб. Но, потребно е да се учествува и на други конгреси, а немавме пари. Пропуштивме неколку конгреси и заради тоа сè уште сме стасус кво – вели за МИА претседателот на „Македонски вртач“, Тодор Маџаров.
Тој е долгогодишен одгледувач на овој вид гулаби, но и други птици и животни. На влезот во неговиот двор, каде што е сместен гулабарникот, има и кафези за одгледување зајаци и украсни патки. Маџаров вели дека гулабот „вртач“ е многу послушна птица.
– За мене е најболно што гулабот е признат дека е автохтона македонска птица, па дури дека е и со потекло од Струмица, но не е регистриран и затоа секој го краде. Исто како што ајварот стана словенечки, а шарпланинецот српски. Сето тоа е поради наша неорганизираност, па дури би додал и од завист зошто друг да го направи тоа, а не јас – со тага објаснува Маџаров.
Струмичкиот „вртач“ во Србија и во другите држави од поранешната држава стасал по заминувањето на старешините од некогашната ЈНА, кои со себе ги понеле и гулабите што ги одгледувале додека биле на служба во Струмица.
– Кога се врши оценување на македонскиот „вртач“, најпрво се гледа каков му е кружниот лет над гулабарникот и да добие една висина од 200 до 300 метри и кога ќе се пушти друг гулаб на земјата тој почнува вертикално да паѓа и да се врти околу својата оска. Тоа вртење се оценува. Значи имаме добар лет, имаме кружен лет и имаме примање, па вртење и приземјување во гулабарникот. Бодовите од оценувањето од двајцата судии се собираат и се добива пласманот – објаснува Маџаров, кој и самиот е судија.
Љубовта за одгледување гулаби ја наследил од неговите предци, па дури вели дека тоа му е аманет од дедо му.
– Во 1913 година, кога дедо ми дошол во Струмица од кукушката околија, од големото богатство што таму го имал и го оставил, со себе ги понел само двата најстари гулаба ставајќи ги во пазувите. Од тие гулаби потекнува нашата семејна љубов кон овие птици – раскажува Тодор.
Жали што нема кој да ја наследи неговата љубов кон гулабите, но и покрај тоа што е веќе во седумдесет и втората година од животот се надева дека уште долго ќе им се радува на „паѓањата“ на неговите вртачи и секој нареден ден ќе го поминува со нив.
Според неговите податоци, во Струмица има стотина одгледувачи на гулаби „вртачи“, а во државата вкупниот број на гулаби е околу 10 илјади. Маџаров има регистрирано и сопствена одгледувачница за гулаби и патки.