Шпанецот Рафаел Надал и Швајцарецот Роже Федерер молчат, но не и Русинот Данил Медведев. Тој кажа јасно и гласно дека српскиот тенисер  Новак Ѓоковиќ треба да игра на последниот грен слем турнир САД Опен.

– Не сакам да зборувам за причините за овие одлуки во врска со САД Опен, бидејќи многу луѓе починаа за време на пандемијата. Ако ги смениме правилата, ќе има и такви што ќе се побунат, бидејќи им е забрането да влегуваат во земјата за да работат или поради некоја друга причина – ја започна приказната Медведев и додаде:

– Што се однесува до мене лично, а зборувам од тениска перспектива, многу сакам Новак Ѓоковиќ да игра на САД Опен – отворено изјави одличниот руски тенисер.

Турнирот во Њујорк започнува на 29 август и тешко дека Новак ќе биде учесник. За да се случи тоа, потребно е Америка да го укине правилото за задолжителна вакцинација за влез во земјата или на Ѓоковиќ да му биде дозволен влез во САД без разлика што не е вакциниран.