Многу ми е жал, не сакав да ги извлечам

105

Најголемите ривали во англиската Премиер лига, кои се бодовно израмнети на првенствената табела, ќе се сретнат и во 4. коло од годинашното издание на ФА Купот.

Парот Манчестер Јунајтед – Ливерпул, кој треба да се игра за време на викендот 22 – 25 јануари, беше извелечен од Питер Крауч. Поранешниот репрезентативец на Англија и напаѓач на Ливерпул, кој важи за омилен лик кога се во прашање шегите на фудбалските фанови, веднаш се извини откако го извлече парот, затоа што станува збор за финале пред финале.

  • Многу ми е жал. Искрено, јас не планирав да го извлечам овој пар. Станува збор за голем, голем натпревар. И јас бев дел од еден таков натпревар и го постигнав победничкиот погодок, изјави Крауч кој мораше да продолжи со ждрепката.

Вечните ривали си обезбедија меѓусебна пресметка откако во третото коло го елининираа Ватфорд со 1:0 (Јунајтед), односно Астон Вила со 4:1 (Ливерпул), но четата на Јурген Клоп играше против јуниорскиот тим на Вила затоа што сениорскиот тим заврши во изолација затоа што неколку фудбалери беа позитивни на коронавирусот.

Победникот од дуелот кој ќе биде одигран на „Олд Трафорд“ во 5. коло ќе игра поротив Стокпорт, Вест Хем или Донкастер. Кога се во прашање останатите натпревари, големиот фаворит за победничкиот трофеј, тимот на Манчестер Сити за противник го доби нисколигашот Челтенам, додека Арсенал го чека подобриот од дуелот Саутемптон – Шрузбери. Тој натпревар не беше одигран во оригиналниот термин затоа што нисколигашот има неколку играчи кои беа заразени со коронавирус.

Шестолигашот Чорли, кој го елиминира Дерби Каунти, ќе игра против премиерлигашот Вулверхемптон. Челзи ќе го нагости Лутон, Тотенхем ќе гостува кај Викомб, а Еверон ќе се обиде да ја искористи предноста на домашниот терен во дуелот против Шефилд Венздеј.