„Кога сме заедно не сум комуникативен туку тмурен и немам дарба, форма ниту гест да се изразам. Ќе ми простиш ли, мила, што те мачам?”, ѝ пишувал Достоевски на својата сопруга Ана Григорјевна Сниткина-Достоевски. Таа била хероината која и покрај сите напади по неговата смрт, успеала да го одбрани и заштити животното дело на човекот кој бескрајно го сакала и му простувала – и тоа секојдневно
Факт е дека жените се вечната инспирација за писателите и поетите. Но, често се поставува прашањето колку големите љубови на големите писатели се битни за книжевната сцена и дали великаните на пишаниот збор наоѓаа инспирација во своите музи или, пак, таа им носела само страдање?
Еден од најголемите писатели на сите времиња Фјодор Михајлович Достоевски (11 ноември 1821 – 9 февруари 1881), главен лик во руската книжевност, како да не знаел надвор од пишаното перо да ги искаже своите чувства.
„Кога сме заедно не сум комуникативен туку тмурен и немам дарба, форма ниту гест да се изразам. Ќе ми простиш ли, мила, што те мачам?”, ѝ пишувал Достоевски на својата сопруга Ана Григорјевна Сниткина Достоевски. Таа била хероината која и покрај сите напади по неговата смрт, успеала да го одбрани и заштити животното дело на човекот кој бескрајно го сакала и му простувала – и тоа секојдневно.
Пред стрелачкиот вод…
Поради своите ставови, Достоевски уште во младоста ја преживеал голготата на режимот во кој живеел. Изведен е на исценирано стрелање и токму во моментот кога стоел пред стрелачкиот вод, и ја исчекувал егзекуцијата, во последен миг стигнала царска депеша во која наводно е помилуван, но истовремено и осуден на доживотен затвор и протерување во Сибир. Сепак, и оваа фарса била урната за само неколку години, без разумно објаснување бил пуштен на слобода, а биографите не се чуделе што тој останал затворен, неповерлив, осамен човек кој тежнеел кон топлина и искрена љубов.
По несреќниот брак во кој првата жена Марија Исаева не му ја возвраќала љубовта, и од кој немал наследник, преку маѓепсаноста со Аполинарија Суслова, која многу ладно одбила да се омажи за својот љубовник, Достоевски тогаш кога најмалку се надевал конечно во својата четириесет и петтата година од животот ја спознал својата вистинска љубов Ана Григориевна Сниткина, идната госпоѓа Достоевски.
Жените во неговиот живот всушност биле инспирација и за неговите ликови.
Како жена која истовремено безгранично и на посебен начин ја сакала и ја мачела личноста што ја сакала, Исаева му била инспирација на писателот за ликот на Наташа во романот „Понижени и навредени”.
Суслова, пак, оставила печат во многу негови дела, како пожрвтувана Дуња во романот „Злосторство и казна”, преку страсна но неурамнотежена Настасија Филиповска од „Идиот” и Полина, жена кон која негувал ирационално демонска и уривачка страст „Коцкар”.
Коцкарски долгови
Токму романот „Коцкар“ бил значајна пресвртница во неговиот живот. Поради коцкарските долгови бил принуден да склучи неповолен договор во кој доколку во одреден рок не го напише романот сите права на неговите дела ќе ги преземе неговиот лаком по пари издавач. Сомневајќи се во својот успех, тој му се обратил на пријателот кој му предложил да земе стенографка на која ќе и диктира се што му се наоѓа во главата.
Кога на неговата врата затропала младата Ана Григорјевна Сниткина, тој ја вработил, а во успаничен со рокот, долго време не успеал да ѝ го запомни името. Како што Ана совесно и течно ги запишувала неговите зборови, на писателот му се вратил оптимизмот дека ќе го исполни рокот.
Тој забележал дека неговата помошничка не само што била совесна и вредна туку и симпатична млада девојка со сиви очи. Емотивно несигурен тој ја запросил, криејќи се зад еден од неговите ликови. Прашувајќи ја дали наводно на главниот лик, уметник на негова возраст кој се вљубува во девојка на нејзина возраст, таа би му возвратила љубов, Сниткина му одговорила „зошто тоа би било невозможно?”.
Работата на романот толку многу ги зближила што веднаш откако бил предаден, тие се венчале. Нејзиниот живот воопшто не бил лесен. Соочена со неговата болест (епилепсија) и зависност од коцка, таа животот го поминала во постојана беда и коцкарски долгови. Откако изгубил сè, па дури и нејзините фустани и накитот, тој ѝ ветил дека никогаш веќе нема да се коцка. Оттогаш започнала среќна фаза од нивниот живот, а најголемите дела тој ги напишал со нејзина помош.
Пред крајот на животот, Достоевски живеел во градот Стара Руса (близу Санкт Петербург). Умрел на 9 февруари 1881 година од проблеми со белите дробови кои биле предизвикани од неговите епилептички напади. Погребан е на гробиштата „Тихвин“ во манастирот „Александар Невски“, во Санкт Петербург.