Најголема надеж за висок пласман влева Љиљана Недановска, која се натпреварува во категоријата до 63 килограми. На ова првенство ќе има над 260 натпреварувачи, односно 30-ина повеќе во однос на минатата година. Исто така, Македонија ќе настапи на овој јуниорски џудо-куп со 19-мина натпреварувачи, десет во машка и девет во женска конкуренција

Викендов, во Скопје, ќе се одржи вториот јуниорски џудо-куп, по оној минатата година, на кој Македонија ќе настапи со 19-мина натпреварувачи, десет во машка и девет во женска конкуренција.

Најголема надеж за висок пласман влева Љиљана Недановска, која се натпреварува во категоријата до 63 килограми. На ова првенство ќе има над 260 натпреварувачи, односно 30-ина повеќе во однос на минатата година.

– Сакам да го направиме ова натпреварување колку што може поуспешно. Спортистите што ќе имаат висок пласман, ќе собираат бодови за наредните натпреварувања, што придонесува за бодувањето и за следните Олимписки игри. Иако станува збор за Европско јуниорско првенство, на него настапуваат и натпреварувачи и од другите континенти, од Африка, Америка… а тоа важи и за американскиот Џудо-куп, на кој има и Европејци – истакна потпретседателката на Европската џудо-федерација, Катерина Родригез.

– Мора да се покажеме како добри домаќини на она што следува. Минатата година, имавме исто вакво првенство, кое беше одржано кај нас. Ако имавме грешки, ги поправивме оваа година и можам да кажам дека сум презадоволен од целата организација и од сето она што успеавме да го направиме изминатиов период. За нашата ангажираност, најдобро зборува зголемениот број учесници оваа година. Минатата имавме 229, а сега тој број изнесува над 260 натпреварувачи, што е одраз на минатогодишната организација. Исто така, имаме 20-ина меѓународни судии, од кои неколкумина судеа и на Олимписките игри во Париз. Работевме макотрпно изминатиов период и морам да им се заблагодарам на сите оние што вложија значаен придонес за да успее сето ова – додаде Владимир Трпановски, претседател на Македонската џудо-федерација.

Следната година нè очекува Европското кадетско првенство во џудо, така што овој настан е увертира за она што следува во 2025 година. (К.Т.)

ФОТО: Ѕвонко Плавевски