Младите од цел свет во петок ќе ги напуштат училниците за да протестираат против климатските промени

23

Една четвртина од сите предвремени смртни случаи и болести ширум светот се должат на загадувањето и уништувањето на животната средина, објавија Обединетите нации во најновиот извештај

Смртоносните емисии на штетни гасови, хемикалиите кои ја загадуваат водата за пиење и забрзувањето на уништувањето на екосистемите, кои се од клучно значење за животот на милијарди луѓе, се главни причини за епидемијата ширум светот што ја попречува глобалната економија, се предупредува во извештајот

Преглед на глобалната животна средина (ГЕО) – извештај правен шест години, во кој учествуваа 250 научници од 70 земји, прикажува растечки јаз меѓу богатите и сиромашните земји, како што се неконтролираната преголема потрошувачка, загадувањето и отпадот од храна во развиениот свет кои доведуваат до глад, сиромаштија и болести на друго место.

Поради недостиг на пристап до чиста вода за пиење, секоја година годишно умираат 1,4 милиони луѓе од болести кои можеле да се превенираат, како што се дијареа и паразити.

Во извештајот се посочува и дека загадувањето на воздухот предизвикува 6-7 милиони предвремени смртни случаи годишно.

Емисиите штетни гасови продолжуваат да се зголемуваат во услови на суша, поплави и супер-бури кои се влошуваат со зголемување на нивото на морето.

Постои зголемен политички консензус дека климатските промени претставуваат ризик за милијарди луѓе во иднина.

А токму затоа младите од цел свет во петок ќе ги напуштат училниците за да протестираат против климатските промени. Учениците од повеќе од 1000 градови во светот се очекува да ја напуштат наставата како дел од глобалниот протест против климатските промени.

Штрајкот на учениците се очекува да биде најголемиот протест организиран досега од студентското движење„Петоци за иднината”. Само во Германија, организаторите очекуваат 140 протести – повеќе отколку во која било друга земја, објави ДПА.

Протестот почна со една средношколка од Стокхолм. Грета Танберг од летото секој петок протестира пред Парламентот во Стокхолм. Набрзо и се придружија голем број ученици од неколку земји, како во Белгија и Германија. Но на денешниот протест и средношколците и студентите од Сиднеј, Париз, Токио, Монтреал, Хонг Конг, Кампала… ќе ги напуштат училниците.

„Штрајкуваме за да им порачаме на нашите влади да ја исполнат својата должност и да ни пружат докази“, се наведува во јавниот апел објавен на Фејсбук.

Младите потенцираат дека не ги интересираат изговори кога станува збор за борбата против климатските промени. Прашањето што на многу ученици кои ќе демонстрираат, ќе им го постават на оние кои ќе им забележат зошто „бегаат“ од часови е: Која е поентата да се оди на училиште ако климатските промени би можеле да ја уништат целата надеж за иднината?

Организаторите на протестот потсетуваат дека светските лидери имаат уште 11 години за да избегнат катастрофални нивоа на глобално затоплување, според извештајот на Меѓународната комисија за климатски промени на ОН (ИПЦЦ) од 2018 година.

– Досега не чув никакво конкретно ветување од властите, изјави неодамна Танберг. – Тие само велат дека ќе се обидат да направат најдобро што можат, но тоа не е доволно добро, бидејќи нашата куќа гори и сакам да почнете да паничите, порача 16-годишната Швеѓанка.

– Вие не сте доволно зрели да го кажете тоа како што е, изјави таа во декември во Полска, на Конференцијата на ОН посветена на климата. – Дури и товарот ни го оставате нам, децата, им се обрати таа на светските лидери.