Здружението „Биди зелен“ и годинава продолжува со реализација на активностите што се дел од проектот „Младите за климатска акција и одржлив транспорт“, во рамки на проектот „ГОи во акција за климатските промени“, спроведуван од „Екосвест“, МЗМП и од CVNP, а поддржуван од Владата на Шведска.
Станува збор за барања што произлегле од кампот во Струга.
– Бевме 40 млади од Куманово, Прилеп, Скопје и од Гостивар. Нивна одговорност и задача беше да изнесат конкретно барање, но и предлог за решавање на тоа барање. Младите од секој од овие градови поднесоа барање до својата општина. Воедно, тоа барање беше импровизирано на локацијата на која се однесуваше – објаснуваат од „Биди зелен“.
Младите од Скопје побарале да има повеќе дрвја на булеварот „Трета македонска бригада“.
– Отидовме таму, импровизиравме сенка од дрво. Во Прилеп, младите побараа велосипедски патеки на улицата „Прилепски бранители“. Сo група млади екоактивисти од Прилеп, со акција на улицата „Прилепски бранители“, беше поставен црвен тепих, кој симболизираше велосипедска патека – објаснуваат од „Биди зелен“.
Младите од Гостивар, исто така, побарале велосипедска патека на улицата „Живко Брајковски“ на која бил поставен црвен тепих. Барањето на младите од Куманово сè уште не било доставено до Општината, па останува да се реализира.
– Целта на овие барања е младите да се научат како и каде да поднесат одредено барање до општината. Преку овој процес, сакаме да ги мотивираме и да им кажеме дека има начин како да стигнат до градоначалникот. Младите ќе имаат најголема придобивка кога ќе им се одговори на нивното барање. На тој начин, тие ќе почувствуваат дека, сепак, некој ги слуша и им возвраќа со одговор – нагласуваат од „Биди зелен“.
Оттаму додаваат дека постојано работат на едукација на младите за климатските промени.
– Претходните две години, младинските барања беа фокусирани на зелени општини, но оваа, трета година по ред, тие се за одржлив развој – потенцираат од „Биди зелен“.
(А.П.)