Младите во автобус плаќаат билет со мобилен, возрасните со картичка

199

Сè повеќе млади ја користат мобилната апликација „скопска“ за плаќање во автобусите на ЈСП, бидејќи повозрасните не се многу упатени во современата технологија, а имаат и постари мобилни телефони. Со тоа, тие не губат време за чекање да ја надополнат картичката и се одлучуваат своето возење да го платат со мобилната апликација, која практично ја заменува картичката за наплата во автобусите

Сè повеќе млади ја користат мобилната апликација „Скопска“ за плаќање во автобусите на ЈСП, бидејќи повозрасните не се многу упатени во современата технологија, а имаат и постари мобилни телефони. Со тоа, тие не губат време за чекање да ја надополнат картичката и се одлучуваат своето возење да го платат со мобилната апликација, која практично ја заменува картичката за наплата во автобусите.

Од ЈСП велат дека користењето на оваа мобилната апликација е едноставно, но пред сè, за да се користи мобилната апликација „скопска“, мобилниот апарат треба да има вграден NFC (Near field communication) интерфејс, преку кој ќе се врши безжичната трансакција (валидација) на билет. Но, признаваат дека иако ваквиот начин на плаќање билет е овозможен пред околу една година, апликацијата не е во целост функционална.

– Неопходно е таа до целосно пуштање во употреба да мине низ фази на тестирање, надградба, отстранување на технички проблеми и слично – појаснуваат од ЈСП и додаваат дека наскоро апликацијата ќе стане функционална во целост, а ќе биде достапна и за корисниците на мобилни телефони кои користат оперативен систем IOS.  Засега, таа е развиена само за Андроид оперативен систем.

Инаку, како што информираат од ЈСП, за плаќање/валидација на билет преку мобилната апликација „Скопска“, се избира менито билети и телефонот треба да се доближи до валидаторот (како при плаќање со електронска картичка „скопска“).

– Во случај корисникот на апликацијата да има надополнето повеќе типови билети, при валидација се одзема билет по „приоритет“ како при валидирање со „скопска“- потенцираат од ЈСП и додаваат доколку на пример корисникот има месечен билет и билет од 10 возења, се валидира билет од месечниот билет, а доколку корисникот има билет за 10 возења и средства на електронскиот паричник, се валидира билет од тој со 10 возења.

Од ЈСП велат дека се функционира исто како и со електронската картичка „скопска“, практично мобилната апликација ја заменува „скопска“.

За оние патници што досега од најразлични причини не ја користеле оваа нивна услуга, од ЈСП објаснуваат дека цената на билетите е иста како и цената на билетите на електронската картичка. Надополнувањето на средства во мобилниот паричник се прави преку повикување на менито „надополни средства”, при што, преку лизгачкото мени се избира вредноста која сакаме да ја надополниме преку кредитна картичка.

– Потребна е дополнителна потврда дека се согласуваме со условите за банкарска провизија, пред да се прикаже финалното мени за онлајн трансакција, во кое се внесуваат податоците за кредитната картичка од која ќе се врши надополнување. Доколку трансакцијата заврши успешно, моменталната состојба на мобилниот паричник ќе се зголеми за нето-вредноста што сме ја избрале за надополнување. Средствата кои се надополнуваат во мобилниот паричник исклучиво може да се  користат за купување на билети за јавен градски превоз и истите не може да се  рефундираат – нагласуваат од ЈСП.

Инаку, покрај опцијата за плаќање билет, мобилната апликација нуди и низа други поволности, како што се: информација за возен ред за избрана постојка, информација за возен ред за избрана автобуска линија, мапа/опис на траси на автобуски линии, планер на рута и слично.

(А.П.)