МКФ се закани дека ќе ги казни клубовите кои “изнудуваат” пари од родителите на своите играчи!

9

Челниците на Кошаркарската федерација на Македонската (МКФ) одлучи да стави крај на профитерството во клубовите, во младинските категории, откако се закани со казни за оние кои ќе побараат екстра пари од родителите на своите играчи.

Причина за ова се обидите на одредени клубови парите кои се должни да ги платат како котизација за играње во натпреварувањата на МКФ наместо од свој џеб да ги наплаќаат како дополнителна давачка од своите кошаркари.

-Македонската кошаркарска федерација сака повторно да ја сподели информацијата пред сè со родителите на младите кошаркари и кошаркарки во врска со плаќање на котизациите за учество во младинските лиги.

Со овој допис, сакаме да ја информираме сета јавност во Република Македонија дека котизацијата која се плаќа за учество во една лига е трошок кој паѓа на грбот на клубот, а не на неговите членови односно играчи како и нивните родители.

Кошарката е спорт кој треба да биде достапен за сите деца подеднакво, а не луксуз на поединци. Клубовите треба да овозможуваат да секое дете кое има желба активно да тренира и да напредува во овој спорт, а не финансиите да бидат примарни во селекцијата на играчите по клубовите односно школите.

Сакаме да апелираме до сите родители кои се злоупотребувани од страна на клубовите, да се охрабрат и да ја споделат секоја информација до МКФ и доколку се утврди дека биле доведени во заблуда и од нив се побарува да уплаќаат дополнителни средства за котизација клубовите ќе подлежат на соодветни санкции, се вели во соопштението на МКФ.