МИ ЛЕЖИ НА СРЦЕ, СУЗАНА ТУРУНЏИЕВА: Принцот на бел коњ

431

Во последната деценија, по брзата еманципација и доминација на жените во општеството (особено откако жените станаа „посилен“ пол и почнаа да се „лактат“ и да добиваат лидерски позиции) стана некако модерно да се фрла со дрвја и камења по мажите. Тие многу често се претставувани како емоционално незрели, себични и нечувствителни суштества…

Подоцна, под влијание на многуте критики, откако малку се „изделкаа“  и поправија во некој поглед, повторно почнаа да бидат атакувани и  обвинувани дека не се вистински мажи, дека се слабичи, дека се мамини мази, дури и дека (некои од нив) се однесуваат како жени.

Во последниве години, најмногу сакаат да ги окарактеризираат како егоисти, неодлучни и несигурни во себе, особено ако се очекува од нив така природно да влезат во  сериозна врска или брак.

Навистина е излишно да се нагласува дека ниту едно од овие обвинувања не придонесува за создавање на хармонија и меѓусебно разбирање помеѓу половите. Има навистина многу, неизмерно многу причини зошто постојат безброј недоразбирања помеѓу жените и мажите.

Ама нас денеска нè интересира зошто жените не ги разбираат мажите… И дали можат да ги разберат воопшто?! Да тргнеме со ред…

Една од причините поради кои жените не ги разбираат мажите е таа дека мажите недоволно се трудат  да бидат разбрани, и наместо тоа, како за инает ги поддржуваат старите митови. Но сепак, иако звучи контрадикторно, мажите (потајно) всушност сакаат да бидат прифатени и добро „прочитани“ од жените. Но не и „уловени“ и ставени во кафез.

Втората причина за ова непознавање лежи во жените. Да, во самите жени. Познавате некои жени кои се трудат од петни жили да навлезат во мозокот на мажите за целосно да ги запознаат?! Јас да, и тоа многу!

Дури да можат, би му вградиле читач на мисли, само да дознаат што мисли тој во даден момент. Да не случајно флертува со некоја во мислите…  Да, да, добро слушнавте. Постојат жени кои очајно се трудат да дознаат што „мати“ и „мајмунисува“ низ мислите нејзиниот маж… Не дај Боже пак да дознаат што прави кога не е со неа?!?

Сосема логично е да се запрашаме од каде е оваа потреба на жените да се замораат со сето тоа и да си го нарушуваат спокојот и раатот, кој несомнено го имаат… Или го имале, па го изгубиле… Та нели се омажиле со човекот со кого имаат љубов?! Од каде сега тие сомнежи, стравови и пориви за да се спасува или држи под контрола нешто што по самата своја природа треба да е слободно за да е вистинско? Љубовта! Може ли љубовта да преживее ако ја држиш во сомнеж, на нишан,  во кафез… Не, не многу долго…

Е па  јас си мислам дека за сите тие неприродни стравови и пориви е виновен митот за принцот на бел коњ, оној кој во приказните и бајките се јавува од нигде никаде, ја спасува од сигурна смрт принцезата и така среќни весели си живеат до крајот на животот…

Ете, оттаму доаѓа тој паничен страв на жените дека ако многу дознаат за мажот, всушност може да си ги   уништат нивните фантазии за принцот од бајките… И нивниот маж може лесно да ја изгуби улогата на принц во нејзиниот живот… И да остане само коњот, наместо принцот. А  многу добро знаеме дека мажот не е витез на бел коњ, облечен во блескав оклоп…  Дека и тој има свои мани и слаби точки.

Меѓутоа, многу жени и ден-денес (сакаат да) си фантазираат за некој таков постоечки принц од бајките, кој истовремено ќе биде и убав, и силен, и чесен, и верен. Притоа и храбар, и нежен, спремен на секакви романтични подвизи и изненадувања… Но, да не заборавиме! Тој мора да биде и семоќен и непобедлив во сè што прави.

Е сега да ве прашам: Дали е сето ова можно, освен во приказните, се разбира. Ваков Супермен не постои, гарантирам… Но, ако дигнете раце од потрагата по Господин Совршениот, ве уверувам дека некој сосема обичен и навидум незабележителен маж, кој ни малку не асоцира на принцот од приказните ќе ви пружи многу повеќе од што сте си замислувале.

Е арно ама, поголемиот дел од жените (особено овие многу еманципираните и образованите) не сакаат ни да ги забележат овие обичните… Да не речам не толку образувани и модерни. Тие свесно ги игнорираат, занемарувајќи им ги сите човечки вредности: од искреност, едноставност, до чесност, за да најдат некој необичен и доволно „добар“ за нивните сфаќања, кој секако нели треба да биде: успешен во бизнисот, модно освестен, богат, образуван, елоквентен и се разбира да вози моќен автомобил. Оти инаку ќе биде обичен „копук“ невреден за нивното внимание…

Така најчесто почнуваат и завршуваат пустите женски соништа за принцот на бел коњ… Откако ќе доживеат разочарување, откако ќе бидат непријатно изненадени од амбалажата на наводниот принц, кој освен со колата, гардеробата и скапиот аутфит со ништо друго не може да биде забележан и запаметен, тие се присетуваат на оние обичните… Кои не само што ги игнорирале туку и несвесно ги повредиле, оттурнувајќи ги грубо од својот живот…

Затоа драги мои дами, не сонувајте многу за принцови… Денеска коњите се на цена… И по некоја жаба, престорена во принц!

Ми лежеше на срце, па морав да ви пишам.

 

(авторот е ТВ лице)