МИ ЛЕЖИ НА СРЦЕ, СУЗАНА ТУРУНЏИЕВА: Писмо до чупето во мене

249

 

Здраво чупенце мое… Јас сум ТИ, ама со неколку децении повеќе живот од порано, со доволно горчливи искуства зад себе, со длабоки лузни во срцето, со не толку розови соништа какви што имаше ти некогаш, со прилично многу бели влакна во косата и видливи брчки на лицето кои, ти чупе драго, ги немаше… Но и покрај сите тие „заработени медали“ јас во ниеден момент не се предадов и се трудев да не го „убијам“ чупето во мене… Речиси секој ден се сеќавам и мислам на тебе, обидувајќи се да зачувам барем стотинка од онаа твоја младешка енергија, полетност и убајна која ти на толку посебен начин ја носеше чекорејќи гордо со разбушавените коси по битолските сокаци… Кога и калдрмата се разнежнуваше од твоите грациозни чекори…

Туку да ти кажам нешто за животот, мило чупе, бидејќи во еден период од не така далечното минато не можев ни да се сетам дека некогаш и јас сум била чупе. Безгрижно и среќно… Во еден период од животот како да немав чувство дека живеам и дека постојам… Неволјите кои ме спопаднаа придонесоа да се  чувствувам толку остарено, истрошено, изморено од животот, успорено и немоќно, како никогаш да не сум била млада и не сум била чупе… Животот ми зададе толку силни удари и големи загуби што (до неодамна) немав ни можност да се сетам на било што поврзано со младоста, радоста и безгрижноста… Едно по друго бев принудена да се соочам со еден куп неприлики… Да останам без работа, да се  разделам од оние кои најмногу ги сакав… Со татко ми, брат ми, и со мојата љубов… Смртта беше посилна од нив… Ги победи и ги однесе… Ми ги зеде, наспроти сите мои молитви…

Во тие пеколни години полни со празнотија, грижи, солзи и непроспиени ноќи научив многу нешта за животот, чупенце… Дека тој е многу непредвидлив… Дека не знаеш од каде и кога „удира“…  Притоа не ти дава време да се подготвиш… да реагираш… И да се соземеш… Но и покрај сите тие непријатни и болни искуства кои ми ги приреди, јас не му се „скарав“ на животот.. Ниту му завртев грб… Го оставив силно да „мава“ и да ме удира таму каде што најмногу ме боли, за да му покажам дека и покрај сите негови удари, јас ќе останам цврсто на нозе… И нема да клекнам… Ќе истраам и ќе му докажам дека сум посилна и поголема и од најголемата болка која ми ја зададе….

И успеав чупенце… Еве повторно се смеам… Пеам… Понекогаш и танцувам… Подигам чаша и наздравувам… За животот, за тебе чупенце, кое никогаш не ме напушти, дури и тогаш кога мислев дека јас ќе те напуштам тебе… засекогаш… Кога мислев дека влегувам во сериозни години, со сериозни проблеми и време е да се „уозбилам“… Ама ти драго чупе не ме остави… Ти не престануваше да „ровариш“ во мене, да ме потсетуваш дека си жива – повеќе од секогаш и токму затоа ми даде „ишарет“ и ме потсети дека не е време за тоа… И дека  ми е забрането да стареам… Дека мојата мисија е да останам млада и да ги подмладувам и подигам сите околу мене… Ти благодарам чупе што ме потсети дека млад си онолку колку што ќе одлучиш да бидеш млад, а не колку што поминале години од твоето раѓање… Зошто годините се само бројка, која сите различно ја носиме… Затоа познавам стари на 35 и млади на 65 години… Сето тоа е состојба на умот, мило чупе… И затоа сум ти уште поблагодарна што ме држеше „будна“ и млада сите овие години, и што секојдневно ме охрабруваше кога животот ми фрли „ракавица“ и ме предизвика на двобој… И покрај тоа што не можев да те видам, јас го чувствував твоето присуство… и иако во огледалото секојдневно ме очекуваше средовечна жена со загрижен поглед и уморно лице, внатре во срцето знаев дека чупето не спие и дека ќе успее да ги отстрани сите сомнежи, стравови и грижи на средовечната жена во моето огледало…

Патем, да ти кажам чупе, низ сите овие бури и невремиња низ кои бев многу сама, и неретко бев принудена да се протнувам и низ иглени уши, јас не престанав да верувам, да се надевам, да љубам, да сонувам и да патувам, макар што некогаш тоа го правев само во мислите… Но верувај, во дадени периоди и тоа ми беше доволно за да преживеам и да фатам „приклучок“ со животот… И да продолжам понатаму… Да не се предадам…

И повторно ми успеа… Затоа дочекав и среќни денови… Радосни… Денови исполнети со бебешки плач, смеа и мириси кои не можат да се рамнат со ниедни други мириси на светот… Со раѓањето на нашиот светилник Јаков, мојот светоглед доби многу широки размери… Невидени!

Му благодарам на животот што второто полувреме од животот ми го започна со такви големи радости и луѓе кои го разбудија најдоброто во мене…

Покрај нив (моите пријатели) не можеш да бидеш тажен, загрижен ниту пак осамен… Со оние малку, но доволно добри луѓе околу мене чупе не сум сама никогаш… Тие имаат срце како планина и душа колку целава Земјина орбита… Неретко им кажувам за тебе… За твојата убавина, талент и за твоите соништа кои грижливо ги чуваше и носеше во твојот куфер со соништа, каде и да одеше… Тогаш, кога музиката ти беше живот… А и животот ти беше музика…

Но ете гледаш чупе, животот повторно, и после сè, сакал да се најдеме, да се соединиме и да пееме… Силно и страсно, како некогаш… Пеј, чупе… и не напуштај ме, никогаш!

Те сакам