МИ ЛЕЖИ НА СРЦЕ, СУЗАНА ТУРУНЏИЕВА: Не е до мажот, до моделот е

300

 

За жал, не само на жените, туку и на мажите , понекогаш модел (репер) им бил нивниот татко… Така да, ако таткото бил насилен, арогантен или непредвидлив, со краток „фитиљ“, и немал капацитет, трпение и умешност да живее и се однесува разумно, цивилизарано и со разговор да ги разрешува нејаснотиите, несомнено е дека и синот ќе биде таков… Значи, не е до мажот, до моделот е!

Земајќи го во предвид фактот дека е полесно да ги препознаеш лошите навики на партнерот, отколку своите, ми се поставува прашањето: Дали тоа ние жените свесно бираме партнер, за кој однапред знаеме дека е лош или погрешен избор за нас?! Дали си замислуваме некаков „модел“ на маж, кој кај некои функционира, а кај некој, за жал, не?

Звучи шокантно, нели?

Е па колку често влегуваме во врска со некој, за кој во себе си велиме: Има некои работишто ми пречат, ама за кратко време „ќе го легнам на брашното“… Сте го слушнале ова сигурно, нели?!

Ете, тоа е најголемата заблуда на секоја жена, која е убедена дека може (и има право) некого да промени, па влегува во врска со идеја да го прилагоди на нејзините желби и потреби партнерот, за набрзо потоа да крене раце, да се разочара и умори од залудното правење стратегија како да го „измоделира“ моделот на мажот кој го замислила.

Незнам за вас, ама јас отсекогаш љубопитно сум се прашувала каков, одн.според кој модел жените бираат партнер, и некако најлогичен заклучок ми бил оној, кој ме водел до  нивниот татко. Значи, многу голем процент од девојките/жените, бираат за партнер некој кој ги потсетува на својот татко. И тоа (повеќето) бираат класичен copy-paste модел…

Многу се поретки оние, кои мислат спротивно, не ни помислувајќи на тоа дали партнерот ќе има исти квалитети и особини како нивниот татко. Таквите, најчесто се со слободен дух, и се непоправливи трагачи по одговори… Нив не ги мрзи да работат на себе, да се продуховуваат и да се себеспознаваат, па затоа храбро тргнуваат во потрага по својата сродна душа. Е сега, и во првиот, и во вториот случај (колку и да се трудиме) може да ни се деси да кикснеме… И да згрешиме во изборот… Па да се разочараме!

Иако при тоа сме правеле се за да Тој (моделот кој сме го избрале) не засака, патем не

правејќи (ама баш) ништо за да се засакаме себеси. Бидејќи никогаш не ни текнало дека е многу важно прво и основно да се засакаш себеси, за да може и другите да те засакаат.

И се додека не се ослободиме од моделот (образецот) кој го носиме раѓајќи се во

семејството од каде потекнуваме, оптеретени со конкретни стравови, болки или тескоби, не можеме да најдеме вистинска среќа, ниту да оствариме задоволителна љубовна врска.

И се дотогаш ќе остануваме „дефект“ во љубовта… Со еден тон прашалници, река пролеани солзи и неброени разочарувања…

Што е тоа што можеме да направиме за да бидеме среќни и да ги избегнеме разочарувањата? Дали се надворешните мерила, вредности и статусни симболи доволни за да бидат темел на нашата среќа и задоволство? Ретко. Подобро кажано, не. Бидејќи познавам жени кои имаат буквално се во животот, освен човек кого сакаат… Иако имаат некаков си партнер кој како-така фигурира… Фиктивно… Играјќи ја улогата на нечиј партнер.

Па така ми се наметнува прашањето: Дали љубовната врска помеѓу мажот и жената е единствена права среќа во животот? Може ли нашиот живот да има смисла и да бидеисполнет без присуство на љубов?

Се разбира тука не би си дозволила да генерализирам, бидејќи јас сум жена, и не знам

како и на кој начин се чувствуваат среќно и исполнето мажите. Дали љубовта им е важна, најважна или пак не толку важна за да бидат среќни и исполнети… Затоа ќе зборувам од женски агол…

Ние (жените) имаме толкава потреба од љубов и внимание, што сме подготвени и да веруваме во заблуди, и наместо љубов, да прифатиме нешто што само потсетува или асоцира на љубов… Нешто што е целосен производ на нашата фантазија… Патем, не ни приметувајќи колку страдаме наметнувајќи си ги замислените уверувања…

А кога тоа, потсетувањето (заблудата) ќе почне да се „распаѓа“ (што се случува секогаш после еуфоричниот период) ние уште посилно имаме потреба да веруваме во неговото „постоење“ и присутност, иако веќе губиме тло под нозете. А кога почнуваме да се губиме, сомневаме и разочаруаме, е тогаш започнува вистинскиот пекол… И ситуацијата никогаш не застанува… туку оди уште подалеку… Така, во таквите големи понори, не ретко започнуваат несогласици, кавги, па дури и физички пресметки со партнерот… Сте ја слушнале ли онаа српската: Ко се бије тај се воли?! Е па оттаму доаѓа… Од наметнатите уверувања на немоќните (модели) да се разберат со зборови, па мораат да употребат и сила… Вклучувајќи ги и нозете, не само рацете… Од манијакалните, насилнички партнери, кои се би да решат со сила… За да се знае кој го има главниот збор!

Оти немаат тие време, ниту мозок за да разговараат разумно… Искрено… отворено… Оти не е секој роден за да усреќи некоја жена… Чест на исклучоци!

За жал, не само на жените, туку и на мажите , понекогаш модел (репер) им бил нивниот татко… Така да, ако таткото бил насилен, арогантен или непредвидлив, со краток „фитиљ“, и немал капацитет, трпение и умешност да живее и се однесува разумно, цивилизарано и со разговор да ги разрешува нејаснотиите, несомнено е дека и синот ќе биде таков… Значи, не е до мажот, до моделот е!

Затоа драги мои, не замислувајте модел, урнек, или пример каков би сакале да биде вашиот партнер… Туку работете на себе и научете да се почитувате и сакате себеси, сосе сите ваши недостатоци и несовршености… Бидејќи еден ден, (со или без некого)

остатокот од животот ќе мора да го поминете со себеси… Засакајте го вашето присуство…Никој друг не ви е загарантиран… Бидејќи среќата доаѓа од нас самите, не од некој друг од надвор. Никој, колку и да не сака и почитува, не може да не направи среќни, ако ние не ја пронајдеме и препознаеме среќата во себе… Внатре, во нашето битие…

Ми лежеше на срце, па морав да ви пишам…