МИ ЛЕЖИ НА СРЦЕ, СУЗАНА ТУРУНЏИЕВА: Напиши му писмо

188

Сте се нашле ли често пати среде кавга а да не сте ни свесни како дошло до толкава ескалација во разговорот, и како еден обичен муабет успеал да се претвори во неподнослива расправија?!

Јас, да, неколку пати досега… Е па, ајде, да се провериме и да ги преиспитаме нашите „црни“ точки во комуницирањето, кои ако ги поминеме со преголема брзина или употребиме  повисок тон, тогаш со сигурност нè водат во амбис!

Сигурно од искуство сте се увериле дека во ситуации кога сме разочарани, потиштени, изнервирани, вознемирени или лути, многу е тешко да го контролираме однесувањето и да бидеме љубезни.  Кога ќе се појават негативни чувства, (испровоцирани од нешто) веднаш сме склони да ги изгубиме нашите дотогашни чувства за доверба, разбирање, прифаќање, благодарност и почит. Во такви моменти, сосема несвесно умееме да се претвориме во чудовишта! Тогаш,  дури и секој претходен најдобронамерен муабет може да се претвори во кавга. Во таквите ситуации во нас се нарушува и се блокира енергијата. Проработува стравот, кој ги активира сите негативни аларми, заспани емоции од минатото, и (како договорени) сите негативни искуства (кои порано ни се случиле) тогаш ни доаѓаат на памет, небаре некој ги повикал да протестираат. Во таков хаос, сосема е логично дека ниеден муабет не може да биде продуктивен и да не се претвори во кавга.

За да биде уште поинтересно ваквите ситуации сосема различно ги доживуваат и толкуваат мажите, наспроти жените.

Во ваквите моменти, жените несвесно ги обвинуваат мажите и ги тераат да се чувствуваат виновни поради нивното однесување. Наместо да помисли дека нејзиниот партнер го прави најдоброто што може, жената би можела да го претпостави најлошото (што може)  и да почне да го осудува и да станува незадоволна. Кога жената ќе почувствува навала на негативни чувства, за неа е исклучително тешко (речиси невозможно) да зборува со доверба, прифаќање и одобрување. Таа не сфаќа колку е погрешно и навредливо нејзиното однесување за партнерот.

Додека пак мажите, кога се нерасположени и од нешто изиритирани, почнуваат повеќе со критика да ги осудуваат жените и нивните постапки. Наместо да помисли дека неговата партнерка е ранлива и чувствителна, мажот може да ги заборави нејзините потреби и да делува себично,  гордо и невнимателно. Кога ќе почувствува навала на негативни чувства, за него е исклучително тешко да разговара со жената внимателно, со разбирање и со почит. Тој не сфаќа колку е болен таквиот негов став за неа.

Тоа се тие денови кога комуникацијата е нарушена и  разговорот не помага. Едноставно не делува.

Но за среќа, постои друга можност. Наместо да разговарате жолчно со партнерот, да фрлате со дрва-камења, да играте расипан телефон, и да се доведете во позиција да повишувате тон, да вадите ситуации од минатото, да нафрлите еден тон грди и неубави зборови, земете бел лист хартија, пенкало и напишете му писмо.

Пишувањето писмо ти дава одлична можност да ги сослушаш своите чувства, да ги извадиш потиснатите емоции, а притоа да не се плашиш дека ќе ги повредиш чувствата на партнерот. Со слободното изразување и слушање на сопствените чувства, автоматски стануваш посмирен и посконцентриран во начинот на кој му се обраќаш (пишуваш). Единствената разлика кај мажите и жените, кога се писмата во прашање е што кога жените пишуваат  тие изразуваат повеќе доверба, прифаќање и благодарност. Додека кога мажите пишуваат, тие стануваат многу повнимателни и имаат ограничена доза на разбирање и почит.

Најубавото нешто при пишувањето писмо е што кога на хартија сме го испишале нашето незадоволство, огорченост или разочарување, неговата тежина или острина се ослободува… се прочистува на некаков начин…. Оставајќи простор многу брзо да се надминат состојбите и да се избегне кавгата/расправијата.

Затоа не чекај, туку веднаш седни, сконцентрирај се и напиши му писмо!

Откако ќе го напишеш писмото, може да се случи и да не чувствуваш повеќе потреба за разговор. Наместо разговор, кој многу често знае да биде на раб на расправија, можеби ќе  да бидеш  инспириран(а)  да направиш нешто убаво за твојот партнер/ка.

Особено, ако писмото кое го пишуваше со сопствената рака има љубовна насока, и ако внатре, наместо да му ги потенцираш само причините кои те излудуваат, му ги акцентираш и причините кои те врзуваат за него/неа. Сигурна сум дека некои помеѓу вас знаат колкава моќ има љубовното писмо, ама ете за оние кои немаат, или не се осмелиле досега некому да напишат љубовно писмо, да ве потсетам што е најважно при пишувањето на вакво писмо.

Најважно од се е во писмото да ги  вметнете  сите ваши чувства, стравови, желби, и да не штедите зборови за сето тоа да го спакувате добро, искрено и отворено… Без задршки! Одберете осамено, тивко место за пишување на тоа писмо каде ќе бидете сами со писмото. Додека го пишувате љубовното писмо обидете се да го замислите вашиот партнер спроти вас. Како седи и ве набљудува, притоа едвај чека да види што сакате да му кажете преку писмото. Откако ќе го завршите писмото, оставете го една вечер да преноќи, пред да му го испратите. Утредента повторно навратете му се на писмото и проверете што од напишаната содржина може да остане, а што би требало да се отстрани/коригира. Откако ќе ги изедначите мислите во глава, со зборовите на хартија, потпишете го, адресирајте го и испратете му го писмото.

Потполно сум сигурна дека ве инспирирав да ја искористите првата ситуација во која можете да ја пробате моќта на љубовното писмо. И да избегнете кавга! Ми лежеше на срце, па морав да ви пишам…