МИ ЛЕЖИ НА СРЦЕ…СУЗАНА ТУРУНЏИЕВА: КАМЕН НА ПАТОТ

280

Неодамна, фрлајќи поглед кон(сопственото) минато,  се сетив на некои лекции, кои морав да ги научам, учејќи од своите грешки. Во исклучително неповолни животни периоди, кога имаш впечаток дека целиот свет се „уротил“ против тебе…  Тогаш, наместо да се справиш со таквите состојби, и да побараш излез,  ти несвесно си стануваш пречка, и се претвораш во  камен на својот пат… И тоа каменот некогаш знае да биде поголем и од цела карпа! Голема, тешка и непремостлива…

Потполно сум сигурна дека и вие сте се фатиле себеси како сами си ги поставувате ограничувањата и блокадите и одеднаш мислите дека ништо не ви оди.. Дека дури и да влезете во ризик за било што,  нема да ви успее…

А како доаѓаме до овие констатации?! Е па многу лесно… Доволно е да е сетиме на ситуации и периоди во животот, кога нештата одеднаш поаѓаат на лошо, малерозно, и не знаеш од каде да ги пофатиш конците… Се трудиш да ја држиш ситуацијата под контрола, да го лоцираш почетокот на проблемот, да ја отстраниш причината, за да не ја мислиш последицата, или пак да го пронајдеш и дискфалификуваш виновникот кој е заслужен за таквата неповолна и баксузна ситуација во твојот живот…

Откако ќе потрошиш многу време, а и живци, и сите причини ќе ги отфрлиш како неосновани, сосема спонтано доаѓаш до сознание дека единствениот виновник за настанатата „угоре високо – удолу длабоко ситуација“  одн. За каменот на сопствениот пат си виновен самиот ти… Да, баш ти!

Тешко е да се признае, нели?! Знам!

А каде најчесто лежат причините за претворање во камен на сопствениот пат?!

Некогаш причините се бараат во најраното детство, кога малку, или речиси воопшто не ни ја „билдале“ и негувале самодовербата, некогаш во сплетот на несреќни околности благодарение на кои сме влегле во врска, брак или партнерство со луѓе со кои „не слушаме исто радио“, а некогаш и причините едноставно  се во затвореното срце кое го поседуваме.

Што е тоа затворено срце?

Тоа е внатрешно, потсвесно несакање и одбивање на човекот да  прими нешто во својот живот.

Ќе ви посочам еден едноставен пример: Кога на луѓето им носиш подароци, или им угодуваш без некоја посебна причина, или пак кога бесплатно – доброволно им нудиш помош или услуга, (а не мораш) сите на ист начин не ја толкуваат твојата добра намера. Некои помеѓу нив сетоа тоа го прифаќаат со благодарност и со многу радост. Но некои не само што не го прифаќаат и не го препознаваат вашето добронамерно помагање и давање,  туку не сакаат да  прифатат ниту  помош, ниту добрина, ниту било каков гест кој од срце, своеволно сакате да го направите за нив.

Тоа се луѓето – сопственици на затворени срца. Таквите луѓе е многу тешко да ги сакаш. Нивните емоции се замрзнати, скриени, а не ретко и атрофирани. Не дека тие не умеат или не знаат да сакаат. Тие се најчесто исплашени, или претходно од нешто повредени, така да тие тотално несвесно си го затвориле, а некои и го заклучиле со најделикатното резе своето срце, и не дозволуваат ни да ги сакаш, ни да им помагаш. Ниту пак да им подаруваш било што.

Најчесто, оваа категорија на луѓе не умее да прима, ниту  да дава (возвраќа) љубов, внимание… И тоа неумеење да даде или возврати е посилно од било која емоција која некој ќе се обиде да му ја покаже! Не дека тие не сакаат, едноставно не можат! Го поставиле каменот на својот пат, ја блокирале целата енергија и не им паѓа на памет ни помислат да го отстранат каменот. Оти не дај Боже, може се одеднаш да им тргне на добро во животот, па како после ќе се справат со добрите ситуации, кога тие се навикнати само на лоши… На одбивање, на непримање и на недозволување да им подариш нешто…

Луѓето со затворени срца се толку многу затворени, што да можат и себеси би се блокирале… Некои помеѓу нив, рака на срце, немаат проблем со давањето, и не се шкрти кога станува збор за да ти дадат или да ти подарат нешто.  Нивниот проблем е во примањето. Тие се целосно несвесни дека доколку ги одбиваат малите и не толку важни подароци од животот, како тогаш ќе може животот да им подари поголеми, повредни плодови, од оние кои некој од срце сака да им ги подари. Таквите луѓе дури и на зборот Благодарам, не велат: Молам, туку велат: Нема на што!

Така доаѓаме до сознание дека она што го емитуваме, тоа и го добиваме за возврат. Ако емитуваме отпор  и одбивање на подарокот, тоа и ќе го добиеме. Ако емитуваме благодарност и радост, тогаш животот ќе не дарува со уште поголеми подароци кои ќе ни ја зголемат и умножуваат радоста и благодарноста. Константно и непречено...

Затоа, пред да станеш камен или карпа на твојот пат, научи да прифаќаш и да примаш се добро што ти доаѓа во твојот живот. Не од утре, од понеделник или од први! Од денеска! Отвори го твоето срце за секакви подароци, плодови  и знаци на внимание упатени кон твојата личност. Од денеска заборави на зборовите: Не треба, нема шанси, не доаѓа во предвид ова да го земам или Зошто толку сте се трошеле… Запамти: Се што доаѓа во твојот живот, доаѓа со некоја причина… И е благослов и лекција… која на нешто секако ќе те научи!

Ми лежеше на срце, па морав да ви пишам…