МИ ЛЕЖИ НА СРЦЕ…СУЗАНА ТУРУНЏИЕВА: На кафе со Меша

408

Утрово сосема спонтано седнав да испијам едно кафе со драгиот Меша Селимовиќ… Па решив и вас да ве поканам во друштвото…

И очекувам да го почитувате тоа… Нема баш секој чест и привилегија да биде поканет на кафе со него. Исто така морам да ви потенцирам дека јас секогаш внимателно го бирам моето друштво… Не пијам  кафе со било кого… Неее, немам јас веќе време за такви луксузи…

Имам премногу години за било што лажно и обично драги мои… Во општество и услови во кои живееме,  бомбардирани сме со лажни, минливи и испревртени вредности… И опкружени сме со исфрустрирани, бескарактерни и алчни луѓе, кои едно зборуваат, друго мислат и трето прават…

Уште 3 семејства со кои се дружам долги години и премногу сме блиски, ова лето одлучија да ја напуштат земјава и да си заминат во странство. За подобар живот… Едуцирани, образувани и без работа… Оти овде не само што не успеаја да најдат работа и среќа, туку се изнамачија и ги доживеаја сите можни неправди и навреди.

Светот е гладен за вистински вредности и за добри и чесни луѓе кои со емоциите не се на „Вие“.

Затоа Меша ми е фаворит помеѓу останатите безвремени и бесмртни „фраери“ кои си го одживеале своето некаде далеку во минатиот век, но оставиле големи траги… оставиле доволно многу мудрости и вредности, благодарение на кои секогаш радо посакувам да испијам кафе со некој од нив…

Додека го пијам кафево, ми стигаат нотификации и погледнувам во телефонот…

Што да ви кажам? Уште 3 семејства со кои се дружам долги години и премногу сме блиски, ова лето одлучија да ја напуштат земјава и да си заминат во странство. За подобар живот… Едуцирани, образувани и без работа… Оти овде не само што не успеаја да најдат работа и среќа, туку се изнамачија и ги доживеаја сите можни неправди и навреди.

Се вртам накај Меша и со поглед (бидејќи јас и тој така се разбираме) го прашувам што мисли тој за оваа ситуација, а тој ми вели:

„Вас не ве мачи одливот на мозоци, туку останувањето на идиоти“

Во прв момент се обидувам да ја сфатам поентата и колку што ми дојде смешно, толку ми беше и болно… Ама истовремено и се прашувам дали сум и јас една од многуте идиоти што не заминаа, а имаа толку многу прилики?! И, да ви кажам право, не ми е баш лесно да го соџвакам неговиот одговор, иако од една страна човекот е совршено во право… Во земјава останавме ние –  кои многу си ја сакаме земјата, родителите и семејствата и сме подготвени и да изгинеме или умреме од глад во неа, и оние другите, кои исто така ја „сакаат“ земјата, ама на еден поинаков начин: со измами, уцени, манипулации и со лажни ветувања ни ги уништија животите и иднината на нашите деца… Патем ни го продадоа и достоинството, и името и сè останато…

За миг ми преседнува сè… И кафето, и дружбата со Меша… Особено од помислата на оние „другите“, но успевам да се стабилизирам и исконтролирам некако, за да не направам кавга со човекот.

Притоа ми текнува на ситуации кога моиве пријател(к)и (кои сега заминуваат во странство) упорно се обидуваа со години да најдат пристојно вработување според квалификациите кои ги имаа, но залудно… Не вредеше ни нивната диплома, ни високиот просек, ниту пак одличното познавање на англискиот јазик. Многу често им се случуваше да добијат и непристојни предлози, да бидат понижени, а дури и избркани од работа доколку не станат членови во партијата во која членува (или е некој фактор) нивниот работодавец.

Тогаш стариот лисец Меша повторно ме погледна и ми рече:

„Добрите луѓе треба да се ценат. Не затоа што се добри, туку затоа што се ретки… Кога ќе го повредиш добриот човек, тој станува и си оди… Грбот кој тогаш го гледаш не е негов, туку твој срам“

И навистина е така… Добриот човек може да издржи и поднесува многу… Ужасно многу. Но еден ден, кога сè ќе му стане сеедно, тој заминува… и веќе не се враќа!

Колку што му се радував на кафето кога седнував и си ја отворив книгата со омилени цитати од Меша, толку и ми се скисели вкусот додека размислував колку тажен и сиромашен ќе ми биде животот без драгиве луѓе кои несомнено заминуваат… И не им паѓа ни на памет да се премислат и да го одложат своето заминување. Тие веќе извадиле карти во еден правец и се подготвени да го спакуваат својот живот во 3 куфери и да направат рестарт некаде далеку, каде ќе им треба многу време за да си ги состават искинатите делови од своето срце…

Но познавајќи ги добро, потполно сум сигурна дека ќе бидат поспокојни таму. Можеби не и посреќни, бидејќи големи се тоа носталгичари, и знам колку солзи ќе треба да проголтаат, на колку ветрометини ќе мораат да отстојат, и колку нема да им биде сеедно што се туѓинци, далеку од родната грутка…

Повторно ми стигна нотификација и погледот несвесно го вперив во телефонот. Ми пишуваше пријател, која ме бара само кога му требам. Кога му требаат пари, или кога има некоја мака. Во просек, еднаш во 2 години. Речиси никогаш досега не се случило да ми пише само за да ме праша како си, што правиш?!

Меша веднаш го забележа мојот немир, кој се трудев да го сокријам и ми рече:

До крајот на животот ќе ги запознаваш луѓето и нема никогаш да ги запознаеш… Секогаш ќе те збунува необјаснивоста на нивните постапки.

Ама зошто? – Го прашав јас. Зарем не можеше некогаш да ми пише (без да бара нешто) и да ме праша барем како сум јас? Знаеше и низ што сè поминувам! И колку се борам сама низ годиниве… И многу ме интересира дали и вас ве ставил животот во позиција да им помагате постојано на луѓето, дури и кога себеси не можете да си помогнете и да ве бараат само кога им требате?! – го прашав директно.

Мене судбината ме постави на оваа патека и за друга не знам… Ќе чекорам по неа сè додека имам сила… Така треба. Тоа е моја животна цел. Не прашувам дали е праведна или не, моја ! – ми одговори мудрецот.

Кога веќе го допив кафето и требаше полека да се подготвувам за претстојните обврски, го замолив да ми даде само уште еден совет. Тој ми рече:

Илјада пати да се покаеш за она што си го рекла! Немој само да се каеш за она што си го премолчила!

Ми лежеше на срце, морав да ви пишам…

(авторот е ТВ лице)