Мицкоски: Ќе ја напуштам политиката ако некој од ВМРО-ДПМНЕ гласа за уставните измени

663

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека ќе се повлече од политиката доколку пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дадат поддршка за уставните измени и за внесување на Бугарите во македонскиот Устав. Мицкоски порача дека треба да се стави крај на изјавите од власта дека дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ биле подготвени да гласаат за промените во Уставот.

„Тука сакам да ја затворам таа тема. По цена на мојата професионална и политичка кариера, такви луѓе нема. Ќе си заминам, ќе ја напуштам политиката и никогаш повеќе нема да се занимавам со политика ако додека сум јас претседател, под овие услови, биде променет Уставот“ – изјави Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ ги продолжува консултациите за референдумот. Мицкоски утре ќе се состане со коалиционите партнери и најави дека со конкретна позиција ќе излезат за многу брзо. Во игра, како што кажа, се две опции – или ќе се собираат 150.000 потписи од граѓани или иницијативата ќе се поднесува преку пратеничката група, предложена од 44 пратеници.

„Да го завршиме целиот овој процес и да излеземе со конечен став пред граѓаните – каков ќе биде предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, дали ќе одиме со 150 илјади потписи, дали ќе одиме со пратениците, имајќи предвид дека континуирано, и од владините инсталации во опозицијата и од самата власт, се сее притисок дека имало пратеници вакви или такви и некој се двоумел“ – истакнува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.