Мицкоски тврди дека нема никаков посебен договор со ДУИ, за законот барал поддршка и од СДСМ

148

Новиот мандатар и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски тврди дека нема никаков посебен договор со ДУИ за гласовите кои ги дадоа за да се изгласа новиот закон за реформирање на постоечките и формирање на нови министерства и вели дека за ова разговарал и со СДСМ.

-Тоа што СДСМ не го кажува, а што треба македонската јавност да го знае е дека јас лично остварував со нив контакти цело време и вратата да го поддржат овој закон за сите пратеници беше отворена. Тоа што дел од идните опозиционери препознаа квалитет во овој закон и гласаа тие треба да дадат одговор, додека дел од идните опозиционери кои не препознаа квалитет или имаа некои други политички математики и калкулации не гласаа, изјави Мицкоски.

Бујар Османи од ДУИ пак е уверен дека и во иднина ќе треба да се бара поддршка од нив за прашања од интерес на Албанците.

-Било кои разговори кои што бараат согласност од албанската заедница, од албанскиот народ, мора да се одвиваат преку легитимниот претставник. Затоа можете да очекувате и во иднина, било кои разговори за иднината на државта, кои што ќе бараат согласност и од втората по големина етничка заедница, ќе мора да оди преку легитимниот претставник. Вие може да имате пријатели преферирани во Владата, во вашата коалиција, но во име на Албанците зборуваат само тие што со мнозинство гласови се изгласани, изјави Османи.

Законот за којшто беше потребно двотретинско мнозинство беше изгласан со 88 гласови, а поддрша дадоа и дел од пратениците од Европскиот фронт предводени од ДУИ.