Мицкоски: Меѓународните договори треба да се почитуваат, но тоа е двонасочна улица

713

Меѓународните договори треба да се почитуваат и тука немаме никаква дилема, но тоа е двонасочна улица, изјави мандатарот за состав на нова Влада, Христијан Мицкоски, во одговор на новинарско прашање во однос на препораките од меѓународната заедница да се почитуваат меѓународните договори.

– Договорот е договор меѓу најмалку две страни, и треба двете страни да го почитуваат. Ако конкретно мислите на Преспанскиот договор, и ние, како идна Влада, го почитуваме во детали, сè што е дел од нашето законодавство, во Уставот, се почитува во детали и тука не треба никој да има никаква дилема. Но, истовремено, очекувам и вториот потписник, а тоа е нашиот јужен сосед, да ги почитува. Креиравме документ колку е имплементирано од наша страна, а колку е имплементирано од грчка страна и планираме да го запознаеме секој оној што е љубопитен да знае колку го почитуваат двете страни билатералниот меѓународен договор, изјави Мицкоски.

Тој рече дека сè уште актуелната Влада ги нарушила преговарачките позиции на Македонија, но истакна дека ВМРО-ДПМНЕ има разумен предлог и е убеден дека патот на земјава ќе биде откочен и Македонија, во фуриозен стил, ќе биде дел од ЕУ. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата е јасен: диктати и ултиматуми не прифаќаме, рече Мицкоски.

Мицкоски очекува дека ќе преовлада разумот и идниот состав на Европската комисија ќе работи поинтензивно, а единствен критериум ќе бидат Копенхашките критериуми.