Мицкоски го доби мандатот – новата Влада на 18 или 19 јуни?!

Претседателката Гордана Сиљановска- Давкова, денеска точно напладне, во Вила „Водно“, му го врачи мандатот за состав на новата Влада на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, чија партија на изборите однесе убедлива победа. Мандатарот Мицкоски сега има 20 дена да предложи состав на новиот владин кабинет на „Илинденска“. Претходно, изјави дека очекува новата Влада да се формира порано од крајниот рок на 25 јуни, односно по одбележувањето на годишнината на партијата на 17 јуни и верскиот празник Рамазан на 16 јуни, а тоа би значело дека Македонија ќе ја добие новата Влада меѓу 18 и 19 јуни. По добивањето на мандатот, Мицкоски потенцира дека Владата може да биде изгласана уште утре, но дека им е потребно двотретинско мнозинство за планираните рекомпонирања на министерствата, но и за најавените промени со судско-обвинителскиот систем. – Ве уверувам дека имаме повеќе од 80 пратеници – рече Мицкоски

244

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска точно напладне, во Вила „Водно“, му го врачи мандатот за состав на новата Влада на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, чија партија на изборите однесе убедлива победа. Мандатарот Мицкоски сега има 20 дена да предложи состав на новиот владин кабинет на „Илинденска“.

Сиљановска, повикувајќи се на уставните рокови, рече дека сите правни услови за доделување на мандатот за формирање Влада се исполнети и констатираше дека доделувањето на мандат на Мицкоски кој, како што рече, има сериозна можност да формира Влада, е вистински правен и политички чекор.

– Согласно со Уставот, една од надлежностите е доделување на мандатот, кој се доделува по 10 дена од изборот на претседателот на државата на лидерот на партиите што имаат мнозинство во Собранието. Денеска истекува 10. Ден, исто така при конституирањето на Собранието, претседателот на Собранието беше избран со 76 гласа „за” и овој резултат и преговорите што се во тек ми дават за право да сметам дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ има сериозна можност да формира Влада, односно да освои 61 глас за програмата и за составот на Владата што ќе ја предложи во следните 20 дена. Чест ми е и со сигурност верувам дека чекорот што го преземам за давање на мандатот е вистински правен и политички чекор – рече претседателката Сиљановска-Давкова.

Мандатарот Мицкоски, по преземање на мандатот, порача дека Македонија набргу ќе добие реформска Влада, која ќе работи на развој, а не на политички препреки и дека новата Влада ќе ја трансформира Македонија во успешна европска приказна и татковина за сите граѓани.

Одговарајќи на новинарски прашања, не откри детали за имињата на новите министри и рече дека од овој момент почнуваат внатрепартиските консултации околу предлозите за членовите на Владата.

– Сакам да најавам дека набргу ќе биде составена новата реформска Влада, која ќе има основна цел и задача да се занимава со реформите, да ги движи процесите напред, да не тонеме како држава и како општество во политичкото мочуриште на меѓуполитички препирки, туку да ја развиваме нашата држава. Граѓаните да се чувствуваат убаво и да нема граѓани од прв и втор ред, да ги раздвижиме работите во економијата, подобрување на животниот стандард, зголемување на пензиите. Се разбира, да се подобри и состојбата во здравството, образованието – како жесток и сериозен предизвик, да имаме задоволни земјоделци, задоволна полиција, дипломатија. Владеењето на правото ќе биде наша основна водилка, нешто што заостануваше во овие години, граѓаните имаат револт во себе, не се чувствуваат безбедно и тоа е една од главните причини што граѓаните ја напуштаат државата. И убеден сум дека во иднина ќе ја смениме реалноста, ќе ја трансформираме Македонија во успешна европска приказна, држава која ќе биде татковина на сите граѓани без разлика на нивната етничка припадност, политичка припадност или неприпадност, место што ќе биде мотив и инспирација за оние што го напуштиле да се вратат назад – изјави Мицкоски.

Дополни  дека меѓу приоритетите на новата влада ќе биде и отчет на дел од македонските дипломатите, кои како што најави мандатарот, ќе бидат повикани на разговор.

– Дипломатија што во светот ќе ги брани, ќе ги штити интересите на нашето семејство, на нашето македонско семејство, а не лични интереси на поединци, дел од нив, за жал, ќе мора во периодот што следува и да бидат повикани на сериозен разговор од надлежниот министер, кој е задолжен за работата на нашите дипломатски претставници – рече Мицкоски.

Според Уставот, мандатарот Мицкоски има рок од 20 дена да предложи во Парламентот состав на кабинетот на „Илинденска“. Претходно, изјави дека очекува да се формира новата Влада порано од крајниот рок на 25 јуни, односно по одбележувањето на годишнината на партијата на 17 јуни и верскиот празник Рамазан на 16 јуни, а тоа би значело дека Македонија ќе ја добие новата Влада меѓу 18 и 19 јуни.

Новиот владин кабинет, според проекциите на ВМРО- ДПМНЕ, ќе има четири нови министерства, односно вкупно 20 министерства – дел од нив ќе се реорганизираат.

Мицкоски, по добивањето на мандатот, изјави дека Влада можат да изгласаат уште утре, но дека им треба двотретинско мнозинство за рекомпонирање на министерствата, но и за најавените промени со судско-обвинителскиот систем.

– Очекувам новата Влада да биде избрана пред крајниот рок. Теоретски, ние можеме уште утре да ја изгласаме Владата. Но, во согласност со плановите за рекомпонирање на Владата, кои ги прифатија нашите коалициски партнери, потребно ни е двотретинско мнозинство. Освен за ова, 80 пратеници ни се потребни и за клучната работа, битката со криминалот и корупцијата, а тоа ќе го направиме со распуштањето на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители. Ве уверувам дека имаме повеќе од 80 пратеници – рече Мицкоски.

Во средата, тој ги достави до Собранието предлог законските измени за кои пратениците треба да расправаат денеска и очекува да бидат изгласани в понеделник, 11 јуни. Во образложението за овие измени беше наведено дека министерствата добиваат појасни надлежности, се разграничуваат испреплетените надлежности меѓу постојните министерства и се овозможува простор рамковното регулирање на органите на државната управа да биде точно утврдено со материјални закони.

Владината коалиција ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ во моментов има вкупно 78 пратеници. Според последните непотврдени информации, веќе е извесно дека ВМРО-ДПМНЕ ќе раководи со 11 министерства, поточно клучните ресори на чие чело ќе бидат партиските потпретседатели. Од владиниот партнер, коалицијата „Вреди“, неофицијално функцијата прв вицепремиер ќе ја извршува Изет Меџити, кој истовремено ќе биде и министер за животна средина. Адмирим Алити ќе биде вицепремиер за евроинтеграции, актуелниот претседател на Советот на Општина Тетово, Бесар Дурмиши, ќе раководи со Министерството за економија и труд, а Фатмир Лимани ќе биде министер за социјална политика. Во ресорот здравство се очекува да седне гостиварскиот градоначалник, Арбен Таравари. За вицепремиерското место за добро владеење, изборот треба да падне меѓу Бујаре Абази и Арбен Фетаи. Движењето ЗНАМ, најверојатно, ќе ги добие министерските столчиња во Правда и во администрација.

Рокот од 20 дена за формирање Влада истекува на 25 јуни. За Владата да биде изгласана, потребно е апсолутно мнозинство од најмалку 61 пратеник од вкупно 120-члениот Парламент.

М.С.