Мицкоски-Брнз: Фер и демократски изборен процес клучен за иднината на државата

38

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски заедно со потпретседателот Александар Николоски и меѓународниот секретар Тимчо Муцунски остварија средба со амбасадорката на САД во Македонија, Кејт Мари Брнз.
Како што соопштуваат од партијата на средбата се разговарало за актуелните политички случувања во Македонија, стратешките определби и проблемите со кои се соочува државата и претстојните парламентарни избори.

Мицкоски истакна дека членството во ЕУ ќе биде клучна стратешка определба на новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и додаде дека партијата има визија и план како да ја стави државата на брза патека за исполнување на оваа цел.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на соговорниците им посочи дека Република Македонија се соочува со сериозни проблеми на патот кон Европската Унија, а недостатокот на реформи и круцијални проблеми со криминалот и корупцијата се аргумент повеќе за противниците на проширувањето на Унијата. Тој напомена дека постои голем број на нерешени корупциски афери во кои дел се дел високи партиски и државни функционери на СДСМ.

Мицкоски воедно и се заблагодари на амбасадорката Брнз за алатката за транспарентност и отчетност „Open finance” која им овозможи на граѓаните увид во тоа како се трошеле и се трошат нивните пари, а овозоможи и разоткривање на низа злоупотреби од страна на државни функционери.
Во однос на претстојните парламентарни избори, соговорниците беа согласни дека фер и демократскиот изборен процес на кој граѓаните слободно ќе ја изразат својата волја ќе е клучен за иднината на Република Македонија.