Македонскиот ракометен репрезентативен голман Никола Митревски е во одлична формата. Единствениот македонски ракометар во Лигата на шампионите го украде шоуто во победата на неговиот Порто против романскиот Динамо Букурешт со 32:23.

Битолчанецот нанижа дванаесет интервенции, а некои во почетната фаза на натпреварот беа одушевувачки. Во првите десетина минути Митревски имаше три одбрани за восхит, последната од класичен зицер веројатно ќе кандидира и меѓу најдобрите одбрани во колото.

Ракометарите на ГОГ Гудме направија изненадување и го шокираа Веспрем (36:37). Иако важеа за апсолутен аутсајдер, данските ракометари приредија сензација во малиот унгарски град.

Уште од стартот ГОГ тргна сигурно, поведе со +4 и најави добар натпревар. Веспрем успеа да се врати и да направи пресврт до полувремето (21:19). Во продолжението гостите пак се наметнаа, поведоа и диктираа темпо, па на крајот се радуваа во трилер завршница. Со по осум погодоци блескаа Вернсдорф и Толбринг, додека Јоргенсен даде еден помалку. Кај Веспрем исто така осум реализации имаше Петар Ненадиќ.

Паси Сен Жермен ја оправда фаворитската улога и славеше на гости кај ППД Загреб (30:33). Избраниците на Раул Гонзалез одиграа подобро второ полувреме и кога беше важно стегнаа, за да запишат победа на гостувањето во Хрватска. Феран Соле постигна 12 погодоци за парижани, додека Тимур Дибиров стрелаше десет пати.