Министерство за здравство повторно со апел: Маска, дистанца и хигиена можат да го стопираат ширењето на Ковид-19

20

Носењето на заштитна маска, одржувањето на физичка дистанца и миењето на раце – одржување на хигиена се единствените мерки кои може да го стопираат ширењето на вирусот. Тие се клучни во борбата со ковид-19, потенцираат од Министерството за здравство во новиот апел до граѓаните за почитување на мерките.

 -Насекаде во светот, во Европа и во нашата држава бројот на новозаболени од ковид-19 расте. Ризикот кој го носи есента е сериозен аларм дека мора доследно и во целост да се почитуваат универзалните мерки за заштита на индивидуалното и јавното здравје, уште повеќе заради тоа што временските услови се менуваат, а граѓаните почнуваат се повеќе да функционираат во затворени простории, велат од Министерството објаснувајќи зошто е важно почитување на мерките.

Оттаму посочуваат и дека очекуваат измените во Законот за заштита од заразни болести да се донесат по скратена постапка веќе следната недела, преку поднесување амандмани од страна на пратениците.

Со овие измени ќе се отвори патот за спроведување на трите нови мерки: задолжителна маска на отворено, забрани за групирања на повеќе од 4 лица по 22 часот, како и да не се примаат повеќе од четворица гости во домовите.