Министерскиот список се затвора, кој сè ќе седне на „Илинденска“ бр. 2

2069

 

 Новата македонска Влада, која, според најавите, треба да биде избрана наредниот викенд (22-23 јуни), полека, но сигурно е екипирана. Официјалниот состав на идната Влада, со министерските позиции, и програмата за нејзината работа ќе бидат доставени во Собранието  на 18 јуни. Своите кандидати што ќе седнат на „Илинденска“ број 2, министерските и заменик-министерските позиции во идната Влада, досега официјално ги соопштија движењето Беса, Алтернатива, кои се дел од коалицијата „Вреди“ од албанскиот политички блок, и партијата на Максим Димитриевски – ЗНАМ. Она што уште се чекаше се денешниот Извршен и Централен комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на кои, според најавите, лидерот на партијата и мандатар за состав на новата Влада, Христијан Мицкоски, требаше да ги соопшти кандидатите за министри од коалицијата „Твоја Македонија“ пред партиските тела

 

 

Новата македонска Влада, која, според најавите, треба да биде избрана наредниот викенд (22-23 јуни), полека, но сигурно е екипирана. Официјалниот состав на идната Влада, со министерските позиции, и програмата за нејзината работа ќе бидат доставени во Собранието во вторник на  18 јуни.

Своите кандидати што ќе седнат на „Илинденска“ број 2, министерските и заменик-министерските позиции во идната Влада, досега официјално ги соопштија движењето Беса, Алтернатива, кои се дел од коалицијата „Вреди“ од албанскиот политички блок, и партијата на Максим Димитриевски – ЗНАМ. Она што уште се чекаше се  денешниот Извршен и Централен комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на кои, според најавите, лидерот на партијата и мандатар за состав на новата Влада, Христијан Мицкоски,  треба да ги соопшти кандидатите за министри од коалицијата „Твоја Македонија“ пред партиските тела. Седниците, се очекува да почнат доцна попладне, а неофицијално, како што е веќе познато, во кабинетот на Мицкоски ќе бидат ангажирани потпретседателите на ВМРО-ДПМНЕ на клучните министерски позиции. Министер за одбрана ќе биде Владо Мисајаловски, за финансии Гордана Кочовска-Димитриевска, за внатрешни работи Панче Тошковски, за надворешни работи Тимчо Муцунски, а за транспорт и врски – Александар Николоски, кој ќе биде и вицерпемиер. Сања Божиновска ќе го води новото министерство за енергетика, во министерската фотелја во Образование ќе седне Весна Јаневска, во Министерството за дигитализација Стефан Андоновски, во Земјоделство Цветан Трипуновски, во Култура – актерот Зоран Љутков, а во новото министерство за млади и спорт министер ќе биде Борко Ристовски. Од коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Димовски од СПМ ќе биде министер без ресор, задолжен за политички систем.

Во саботата, своите предлози за министри во министерствата за правда и за јавна администрација ги соопшти движењето ЗНАМ – За наша Македонија, од каде што за министер за правда е предложен Игор Филков, додека кандидат за прв човек во Министерството за јавна администрација е Горан Минчев. Од партијата на Максим Димитриевски соопштија дека преговараат и за две заменик-министерски места, но ресорите не се дефинирани и од нивните редови е еден од тројцата потпретседатели на Собранието – пратеничката Весна Бендевска.

Алтернатива на Африм Гаши ги потврди своите кадри во Владата. Нивни предлог за министер за европски прашања е ексдиректорот на МЕПСО и на Македонски железници –Транспрот, Орхан Муртезани, а Лулзим Алиу и Сафије Садики-Шаини се кадрите што партијата ги предлага за заменик-министри во министерствата за образование и наука и за етнички заедници.

Изет Меџити од Демократското движење, најверојатно, ќе биде прв вицепремиер и министер за животна средина, а  Арбен Таравари е предлог за министер за здравство. БЕСА, пак, уште минатата недела ги објави своите кадри, поточно кандидати за раководните позиции во три ресори. Фатмир Лимани е кандидат за министер за социјална политика, демографија и млади, Бесар Дурмиши за министер за економија и труд, а Седат Сулејмани е кандидат за заменик-министер за култура и туризам. Од „Вреди“, во фотелјата за вицепремиер за добро владеење ќе седне Арбен Фетаи, кој долги години живеел и работел во Белгија.

Новата Влада треба да биде формирана пред истекувањето на рокот од 20 дена, кој почна да тече од 6 јуни, кога претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, му го додели на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, мандатот за формирање на новата македонска Влада.