Министерот Филипче експресно реагираше, стружанка болна од рак префрлена во домашен карантин

Сторијата на ВЕЧЕР ги мобилизира здравствените власти. Сопругот Димитар Колоски, преку весникот ВЕЧЕР, јавно го замоли министерот за здравство Венко Филипче да дозволи неговата сопруга да биде во домашен карантин во Струга за да може да биде под лекарски надзор и да ја добие потребната терапија

15717

По сторијата на весникот ВЕЧЕР дека во карантин во Маврово е сместена 45-годишна болна жена од Струга, која се вратила со хуманитарниот лет од Љубљана, каде што била на операција поради онколошко заболување, предизвика многу реакции во јавноста, особено бурно реагираа нејзините сограѓани. Жителите на овој град, откако ја прочитаа нашата сторија, се организираа на социјалните мрежи и побараа таа итно да биде донесена дома за да има соодветен лекарски надзор.

Во понеделникот во Редакцијата се јави нејзиниот сопругот за да нè информира дека по пристигнувањето во земјава сопругата е сместена во државен карантин, 14-деневна изолација, во која поради нејзината здравствена состојба е изложена на многу ризици, особено да биде во контакт со лице кое можеби има ковид-19. Иако сопругот за нејзината состојба ја информирал Македонската амбасада во Словенија, но и нашите служби во Министерството за надворешни работи, тие иако ветувале ништо конкретно не презеле.

Сопругот Димитар Колоски преку нашиот весник јавно го замоли министерот за здравство Венко Филипче да дозволи неговата сопруга да биде во домашен карантин во Струга за да може да биде под лекарски надзор и да ја добие потребната терапија.

Министерот за здравство Венко Филипче и покрај големите обврски што се поврзани со епидемијата, сепак одвои време и експресно реагираше. Филипче лично се заинтересира за случајот, за жената која во лоша здравствена состојба преживеала  голгота при патувањето од Словенија за Македонија и конкретно во карантинот во Маврово, каде што била сместена во ладна хотелска просторија со друго непознато  лице.

Колоски вели дека пријатно се изненадил кога лично му се јавил министерот Филипче, кој побарал да се достават сите потребни лекарски документи за да ја потврдат нејзината здравствена состојба.

-Многу љубезно и позитивно ми се обрати министерот, добив впечаток дека разговарам со обичен човек, лекар, а не министер, кој без никакви предрасуди согледувајќи ја состојбата на мојата сопруга одобри да замине во домашна изолација – вели за весникот ВЕЧЕР, Колоски, и додава дека целото семејство јавно му се заблагодарува  за неговата човечна постапка.

Според Колоски веднаш се организирала и струшката Брза помош, која  обезбедила амбулантно возило со кое ја транспортирале од Маврово до Струга  неговата болна жена.

-Благодарност и до целата екипа, особено до докторот  Ѓорѓи Трпо и возачот кои храбро и без предрасуди ја донесоа сопругата и покажаа голема хуманост – вели Колоски.

Тој и синот единец со радост ја пречекале иако се виделе само од далеку.

-Господ нека ги чува сите, па и нас во оваа светска пандемија од која се надевам дека ќе се избориме сите – вели Колоски за весникот ВЕЧЕР.

(В.Ма.)