Министерка на тротинет

231

Сама, без вообичаената придружба и на тротинет, министерката за финансии Нина Ангеловска утринава пристигна во Стопанската комора на Македонија на средба со бизнисмените.

Млада и едноставно облечена министерката на тротинет не го ни привлече вниманието на минувачите во овој многу фреквентен дел од градот. Потоа, повторно невообичаено за личностите од тој формат, без посебен пречек, самата ја отвори вратата и со тротинетот влезе во просториите на Комората, лоцирана во строгиот центар на Скопје.

Јавни личности, пред сè од локалната самоуправа, се почесто го заменуваат автомобилот со електричен тротинет, особено кога се движат на куси релации, како онаа на министерката Ангеловска. Неодамна како корисник на тротинет се промовираше градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов. Градот Скопје, исто така, објави тендер за набавка на 10 електрични тротинети, кои развиваат брзина  од најмногу 30 километри на час и уште 10 велосипеди, кои ќе ги користат инспекторите и комуналните редари, но и другите градски административци кога ќе се движат на куси релации во градот.

Најави за слични активности има и од други општини, а целта е да се намали загадувањето, но и да се заштеди.

Фото: Н.Батев