Минималецот од 450 евра ќе почека – во март ќе се зголеми, но само за 1.700 денари

Од Сојузот на синдикати на Македонија за весникот ВЕЧЕР информираат дека мора да има политичка волја за зголемување на минималната плата во државата, за да не ни се случи и овие што останаа да си заминат. Нивните пресметки се дека наредната година во март минималната плата би се зголемила за 12 отсто или за околу 1.700 денари. Тоа повторно не е доволно затоа што сме далеку зад другите земји во регионот каде што минималната плата веќе одамна е над 450 евра. Мора да има политичка волја за да не се следи оваа методологија која минимално ја зголемува минималната плата, велат од ССМ

1044

Ќе биде ли конечно минималната плата 450 евра? Одговор на ова прашање се очекува на првата седница на Економско-социјалниот совет, која ќе се одржи денеска. Од Сојузот на синдикати на Македонија за весникот ВЕЧЕР, информираат дека мора да има политичка волја за зголемување на минималната плата во државата, за да не ни се случи и овие што останаа да си заминат. Според последните податоци од Сојузот на синдикати на Македонија, 25.000 работници земаат минимална плата, а 10 илјади помалку од 22.567 денари. Прашањето за зголемување на минималната плата треба што поскоро да се реши, бидејќи голем број работници во државата се поблиску до минималната, отколку до просечната плата.

– Согласно со Законот за исплата на минималната плата таа се пресметува секој март и изнесува 50 отсто од инфлацијата, односно од зголемувањето на трошоците за живот и 50 отсто од просечната плата во државата. Нашите пресметки се дека наредната година во март би се зголемила за 12 отсто или за околу 1.700 денари. Тоа повторно не доволно затоа што сме далеку зад другите земји во регионот каде минималната плата веќе одамна е над 450 евра. Мора да има политичка волја за да не се следи оваа методологија која минимално ја зголемува минималната плата, изјави за весникот ВЕЧЕР, Иван Пешевски, потпретседател во Сојузот на синдикати на Македонија.

Друго прашање кое треба да се реши е платите до крај на годината да се усогласат согласно потпишаниот општ колективен договор за јавен сектор. Тоа значи дека нема да има повеќе бодови, туку коефициенти кои ќе се множат по просечна, а не по минимална плата.

-Се надеваме дека ќе има зголемување на платите во наредниот период. Но и тоа нема да биде доволно за да преживеат работниците, бидејќи се покажа дека мерките кои ги донесе Владата не го подобрија стандардот на граѓаните, вели Пешевски и додава дека очекува минималната платата според оваа методологија наредната година да стигне до 400 евра.

Но, како што вели минималната плата треба да биде основа, а не плата за живот, бидејќи многу голем број на работници во државата се поблиску до минималната отколку до просечната плата.

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши во однос на барањето на синдикатите за зголемување на минималната плата на 450 евра во првите 100 дена од Владата, Дурмиши истакна дека според законот покачувањето на минималната плата треба да се случи во март идната година.

– Според законот во март идната година е предвидено да се покачи минималната плата. Таа методологија е усогласена со синдикатите и работодавачите од претходната Влада. Ако не се задоволни од тоа што сами го договориле и потпишале може на првата седница на ЕСС во четврток да кажат дека треба да се менува методологијата и да ги согледаме можностите кои ги имаме, рече Дурмиши.

Ако треба порано да се зголеми минималната плата, како што рече, ќе треба да се менува Законот за покачување на минималната плата и методолгијата.

– Во методологијата има две причини за раст на минималната плата. Првата е 50 проценти од растот на животниот стандард на граѓаните од претходната година и втората 50 проценти од просечната исплатена нето-плата од претходната година. Значи, ќе треба да се смени оваа методологија, па потоа да можеме да ја покачиме минималната плата пред март идната година, прецизира Дурмиши.

Од Организацијата на работодавачи посочија дека имале високи очекувања од Владата, но дека досега ништо не е направено.

И покрај тоа што беше ветено дека Владата ќе се позанимава со реалните проблеми во бизнисот, односно недостиг на работна сила и ниска продуктивност на трудот. И покрај тоа што беа ветени пари за инвестиции, сè уште нема ништо конкретно, односно на кој начин тие кредити ќе стигнат до компаниите, со колкави каматни стапки и колкав рок на враќање и дали ќе бидат поволни за стопанството.

(А.С.)