Милошоски: Џафери, СДСМ и ДУИ можат да ја свикаат собраниската Комисија за надворешна политика

54

СДСМ и ДУИ го имаат мнозинството во собраниската Комисија за надворешна политика и доколку навистина Отворен Балкан им е приоритет, тогаш има начин или претседателот на Собранието Талат Џафери да ја свика Комисијата, или, пак, една третина од членовите на Комисијата да побараат свикување со точки на дневен ред, при што претседателот на Комисијата е должен да ја свика, истакна вечерва пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски.

Во гостувањето во емисијата „Што не е јасно“ на телевизија Алфа, Милошоски ги отфрли обвинувањата од страна на СДСМ дека незакажувањето на Комисијата за надворешни политики влијае врз Отворен Балкан и, како што рече, власта ова го користи за се дефокусира јавноста од економскиот неуспех.

-Отворен Балкан не функционира онака како што е замислено и сега Владата за да ги избегне тие критики се обидува да најде изговор најчесто кај опозицијата. Јас проверив и од тоа што можев да го забележам од официјалните сајтови дека во Србија се ратификувани тие договори, во Албанскиот парламент се уште не се и штом бидат ратификувани, ќе ги ратификуваме и во македонското Собрание, рече Милошоски.

Нагласи дека власта бара изговори, а не ги користи механизмите што и се на располагање.

-Доколку нешто е приоритет и доколку претседател на работно тело не закажува одредена комисија за одреден материјал за кој што власта или владејачкото мнозинство сметаат дека е приоритет, тогаш претседателот на Собранието може да ја закаже таа комисија и да го стави материјалот на разгледување и усвојување. Значи Талат Џафери ако смета дека Отворен Балкан е приоритет и ратификацијата на еден или два документи ќе смени нешто драматично и дека ќе ја подобри економската состојба, може да свика комисија настрана од свикувањето од било кој претседател на тоа работно тело и да ги помине тие документи, рече Милошоски.

Втората опција, според Милошоски, е една третина од членовите на Комисијата за надворешна политика, каде што СДСМ и ДУИ имаат мнозинство, да побараат писмено свикување на седницата.

Денеска од СДСМ го повикаа Милошоски како претседател на собраниската Комисија за надворешна политика итно да закаже седница со цел да започне процедурата за ратификација на договорите од иницијативата Отворен Балкан.