Милан веќе има лидер, а тоа е Златан

79

Репрезентативецот на Хрватска, Анте Ребиќ, од пред неколку дена е и официјално нов фудбалер на италијанскиот калчо гигант Милан. Младиот напаѓач изминатата сезона ја одработи како позајмен играч на „Сан Сиро“, а договорот кој го потпиша со „росонерите“ е со важност до 2025 година.

  • Кога дојдов во Милано, мислам на изминатата сезона, не бев убеден дека ќе се наметнам како стрелец. Сакав да му помогнам на тимот, но на друг начин. Но тогаш постигнав 12 погодоци и се надевам дека ќе постигнам повеќе голови во новата клупска сезона, изјави Ребиќ.

Неговиот трансфер стана реалност откако португалскиот интернационалец Андре Силва се упати во обратната насока, односно откако неговиот договор беше откупен од германскиот бундеслигаш Ајнтрахт од Франкфурт. Како и во изминатата, така и во новата сезона, Хрватот ќе соработува со најдобриот шведски фудбалер, Златан Ибрахимовиќ.

  • Златан е фантастичен фудбалер. Му помага на целиот тим и има големо влијание врз сите фудбалери. Секогаш е задоволство да се игра покрај него. Сепак, јас сум фокусиран на мојата улога и се надевам дека ќе играм уште подобро. Мора да сфатите дека ние имаме лидер надвор од зелениот терен, а тоа е нашиот тренер. Исто така имаме лидер и на зелениот терен, а тоа е Златан. Нема потреба сега јас да се наметнувам како нов лидер на Милан, тоа е Златан, додаде Ребиќ.