МЗТ Скопје е поголем од КФСМ!

829

За жал, поради пандемијата со смртоносниот вирус ковид-19, Кошаркарската федерација на Македонија пред неколку недели донесе одлука за конечен прекин на актуелната сезона. Сосема очекувано таквата одлука најмногу го погоди бранителот на тронот, тимот на МЗТ Скопје Аеродром, кој беше лидер на првенствената табела и беше на добар пат да ја освои и осмата шампионска титула. Челниците на МЗТ Скопје се обидоа на секаков можен начин да ја обжалат одлуката на КФСМ, побараа да се доигра сезоната, побараа да им бидат вратени сите парични средства кои се уплатени на сметката на КФСМ од почетокот до прекинот на првенството, но првиот човек на Федерацијата, Перо Антиќ, остана на својот став за прекин на актуелната сезона. Иако имаше најави дека клубот ја разгледува и опцијата за неиграње во националниот шампионат, клупските челници сепак решија да ја спуштат топката и да се фокусираат на далеку поведри теми. За идните планови на МЗТ Скопје – Аеродром, дневниот весник ВЕЧЕР направи интервју со спортскиот директор на популарните „штркови“, Тони Грнчаров, кој потврди дека има реални шанси актуелниот шампион повторно да биде дел од најквалитетното регионално натпреварување АБА-лига.

Кои се најновите информации околу можното ново учество на МЗТ во АБА-лига?

На последниот состанок кој се одржа пред десетина дена се одлучи да ѝ се даде рок на Приморска до 15 јули за да ги намири финансиските долгови, но како што сме информирани, словенската лига не дава учество во националниот шампионат се додека не бидат намирени сите трошоци. Моментално, Приморска е исфрлена во Четвртата лига и има право на жалба и ако не ја обезбеди финансиската гаранција нема да игра во домашниот шампионат и во АБА-лига. Рокот е 15 јули, но јас се надевам дека АБА нема да чека до тогаш затоа што ние не можеме да го оформиме составот за новата сезона затоа што поголемиот дел од играчите сакаат да знаат дали ќе играат во АБА 1 или АБА 2. Нашите извори не информираат дека е тешка ситуацијата со Приморска која должи околу 1,6 мил. евра.

Тоа значи дека ростерот на тимот зависи од тоа дали МЗТ ќе игра во АБА 1 или АБА-2?

  • Зависи за странските играчи, а со македонските веќе сме горе-долу договорени. За странските играчи тоа е многу важно затоа што тие играле во Шпанија или Литванија, а тоа ниво е поголемо од тоа на АБА 2 и за да се докажат сакаат да играат во АБА 1 дури и за помалку пари. АБА 1 е можеби трета лига во Европа и затоа ја доживуваат како чекор напред во кариерата.

Може ли да се очекува посилен тим на МЗТ во споредба со тој кој за жал не ја комплетира актуелната сезона?

  • Да, може да се очекува. Ние и да не играме во АБА-1, ќе настојуваме преку АБА-2 да обезбедиме пласман во поквалитетното натпреварување затоа што во изминатите две сезони бевме на чекор од посакуваниот пласман, една топка решаваше со Задар, но оваа година сме решени ако играме во АБА 2 да обезбедиме пласман во АБА1. Ќе имаме подобри домашни играчи, подобри странски играчи, но не можам да сокријам дека имам желба, како и сите останати, веќе оваа сезона да бидеме дел од АБА 1.

Дали ќе биде спуштена топката кога е во прашање релацијата МЗТ –КФСМ?

  • Ќе почнам од самиот почеток. Кога Перо Антиќ се кандидираше за претседател на КФСМ ја имаше нашата полна поддршка, дури му дадовме и полномошно на неговиот адвокат да учествува на тоа собрание и со наша поддршка лобиравме да биде претседател. Сакавме на чело на федерацијата да дојде едно кошаркарско име, да направи некакви промени затоа што имал добра играчка кариера. Ние сме во постојан контакт со неколку лиги, со неколку федерации кои се во слична ситуација со нашата, но во тие земји беше одлучено да се додели трофејот на првопласираниот тим. МЗТ нема дилема, убедени сме дека сме во право, дека требаше да ја добиеме шампионската титула затоа што за три-четири години ќе се заборави оваа криза, но ќе остане тоа кој бил шампион. Перо Антиќ попушти на притисокот од неговите пријатели, Саша Богдановиќ, кој е негов верен пријател и екипата на Гостивар каде што Антиќ беше акционер. Скопје е мал град, сè се знае, а ние знаеме дека ветувал дека МЗТ нема да биде шампион. Ние сме спортски работници, сакаме се да биде решено на терен и затоа правиме тим и ќе го заборавиме тоа што се има случено.

Ќе беше ли ситуацијата сосема поинаква ако некој друг тим беше на првата позиција?

  • Да беше Работнички прв ќе беше доделен шампионскиот трофеј. Антиќ не крие дека е фан на Работнички, но ние мислевме дека тие работи ќе ги стави во заднина и дека ќе работи само за кошарката. МЗТ е дефинитивно оштетен, но не жалиме, гледаме само напред.

Ако нема промена во работата на КФСМ, дали МЗТ ќе размисли два пати за нова поддршка на Антиќ доколку посака втор претседателски мандат?

  • Секако дека ќе размислиме, но не сакам да размислувам на таа тема, сакам на терен да се водат сите битки. Федерацијата треба да биде слуга на клубовите, затоа што федерацијата нема никакво учество правењето на кошаркарите, тие излагаат од МЗТ, Фени, Куманово, а федерацијата само ги организира натпреварите и собира „арач“ од клубовите, собира котизација со која ги организира натпреварите и ништо повеќе. Според мое мислење МЗТ е поголем од КФСМ, затоа што МЗТ има своја армија од навивачи, има две екипи во Прва лига, во младинските категории секогаш сме на врвот и затоа сме доста поголеми од федерацијата. Се виде и дека МЗТ доби поголем поддршка од јавноста кога е во прашање одлуката на КФСМ.

Има ли подобрување на односот помеѓу клубот и навивачите?

  • Поголемиот дел се поискусни фанови, а кога има дерби, како со Работнички, тогаш се полни салата. Има една смена на генерации, но убеден сум дека салата ќе биде полна кога ќе гостува Црвена З., Партизан, Олимпија. Секој сака да гледа добра кошарка, а полната сала ќе биде мотив плус и за нашите играчи.

За крај, дали ќе ви биде помило да играте во АБА 1, а Работнички во АБА-2?

  • Во последните 10 години Работнички е секако зад нас, каде и да играме, тие се зад нас. Се надевам дека ќе не следат, но јас имам информации дека не биле многу воодушевени од опцијата да играат во АБА 2, ако МЗТ игра во АБА 1. За жал уште се заморуваат со тоа, со такви работи со ривалитет, а секаде во светот е добро да се има ривалство и тоа е здраво за да напредува кошарката.

Марио СОТИРОВСКИ
ФОТО: П. Стојановски