Меѓународната конференција на Европски универзитет: Реформата на националниот безбедносен систем мора да продолжи

На меѓународната конференција „Реформата на националниот безбедносен систем во контекст на НАТО и ЕУ интеграцијата“ која се одржа на Европскиот универзитет се покренаа прашањата за причините за реформа на националниот безбедносен систем, за европеизација на националниот безбедносен систем, демократска контрола на нациопналниот безбедносен систем, координација на националните безбедносни структури, очекувани ефекти од реформата на нац.безбедносен систем, корпоративна безбедност  - актуелни состојби и предизвиц

456

„Реформата на националниот безбедносен систем во контекст на НАТО и ЕУ интеграцијата“ беше темата на Меѓународна научна и стручна конференција која вчера се одржа на Европскиот универзитет, Скопје. На конференцијата, која ја организираа Интернационалната Полициска Асоцијација – ИПА и Асоцијацијата за корпоративна безбедност многу експерти од земјава и регионот ги споделија своите искуства за актуелните состојби и предизвици со кои се соочуваат националните безбедносни системи и дадоа свои препораки во која насока да се движат реформите во иднина.

Професорот на Европскиот универзитет и претседател на Асоцијацијата за корпоративна безбедност, проф. д-р Атанас Козарев, рече дека нашиот безбедносен систем се соочува со предизвикот за имплементација на долго очекуваната реформа предизвикана од бројни причини од национален,  регионален и меѓународен карактер.

“Нашиот безбедносен систем од неговото создавање па се до денеска е изложен на радикални реформски процеси. Реформата не запира тече во целиот период од независноста досега и мора да продолжи во иднина. Она што е дискутабилно за нас е кои се ефектите од сите досегашни реформи и дали ние навистина успеавме да направиме кредибилен безбедносен систем, систем кој ќе биде компатибилен со европскиот, систем кој што ќе може да одговори на современите безбедносни ризици и закани. Клучните прашања и тези на оваа конференција се прашањата поврзани со остварување на надзорот, контролата на безбедносниот систем затоа што досегашното искуство покажа дека отсуството на демократскиот надзор во исто време значи и отсуство на одговорно и отчетно функционирање на безбедносните служби во нашата држава. Очекуваме ова конференција да навлезе во некои прашања кои навистина ќе почнат да го европеизираат македонскиот безбедносен простор. Ние се движиме напред кон европските стандарди, тоа е долг процес и сите негативности и проблеми со кои се соочуваме ќе се решаваат во тек, изјави проф. д-р Козарев.

Според него, новиот концепт на безбедносниот систем кој се создава е модерен и ветува дека Агенцијата за националната безбедност ќе биде лидер кој ќе успеа да ги менаџира сите безбедносни ризици и закани.

Робертино Ацески, претседател на Интернационалната Полициска Асоцијација – ИПА рече дека целта на конференцијата е да ги споиме искуството и практиката со теоријата. Во тој контекст изрази големо задоволство од досегашната соработка со Европскиот универзитет и надеж дека соработката ќе продолжи во иднина со организирање на многу меѓународни конференции со гости од земјава и од странство.

-Со нашите искуства и практики сакаме да влијаеме на реформите, односно врз свеста во нашата држава во однос на професионализмот, владеење на добрите практики и искуства се со цел јакнење на нашиот безбедносен систем во рамки на интеграциите на ЕУ и НАТО, изјави Ацески и додаде дека реформите на националниот безбедносен систем течат како што треба односно според светските практики. Патот е добро поставен и треба само да се изоди.

Заменик претседателот на Атлантскиот совет на Хрватска, Младен Накиќ, кој е  и автор на книгата „САД и глобалното опкружување“, како и на многу други стручни трудови од подрачјето на меѓународните односи, надворешната политика и дипломатијата рече дека регионот во последните 20 години направи прогрес во однос на безбедносните системи.

-Сметам дека Македонија заслужи да стане членка на НАТО заедно со Хрватска и Албанија уште во 2009 година, знаеме зашто тоа не се случи и знаеме дека тоа наскоро ќе се случи. Хрватска отсекогаш го поддржувала членството на Македонија во евроатланските интеграции и ќе бидеме среќни кога тоа ќе се случи бидејќи ќе ја имаме Македонија како формален сојузник меѓу нас. Знаеме дека Македонија е пример како и на кој начин денеска треба да се соочиме со разните предизвици, но сметам дека уште многу треба да се направи. Ние веруваме дека Македонија, Албанија, па и Србија и Црна Гора ќе добијат датум но нема да биде лесно. Хрватска има искуство со преговорите и мислам дека ќе треба многу труд тоа да се заврши и ќе биде еден голем придонес за стабилизација и сигурност на регионот. Очекуваме регионот да доживее прогрес во економијата, а луѓето тоа да го почувствуваат преку нивните платите, пензиите, изјави Накиќ.

На конференцијата се обрати и Ден Пантеа, извршен директор на Active Watch  Канада, Улик Ѓонај, инструктор во академијата за одбрана на командоси во Швајцарија, Рашит Ќалај, директор на косовската полиција кој ги споделија своите искуства постигнати во областа на безбедносните системи и им порачаа на студентите дека промените почнуваат од нив, новите генерации.