Мечкино грозје ќе може да се собира ограничено во наредните 5 години

80

Министерот за животна средина и просторно планирање во рок од 5 години го ограничи собирањето на растителниот вид мечкино грозје заради користење и трговија.

– Наредбата е донесена согласно извештајот за направената проценка на состојбата на популациите и количините на видот мечкино грозје на локации од економска важност на територијата на Република Македонија. Овој извештај е изготвен во рамки на проектот „Зачувување на биолошката разновидност преку ефикасно управување со заштитените области и вклучување на биолошката разновидност во управување со земјиштето,, финансиран од Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ), чиј краен корисник на резултатите е Министерството за животна средина и просторно планирање – информираат од МЖСПП.

Оваа наредба е донесена со цел превенција и заштита од негово истребување бидејќи овој вид неконтролирано се собира во огромни количини и со тоа може да дојде до негово исчезнување во природата.

– Поради бавниот раст и бавното обновување на популациите  на мечкино грозје, дозволено е да се собираат максимум 70% од достапните количини со цел да се обезбеди одржлива употреба на видот. При собирање на мечкиното грозје треба да се води сметка да се собираат исклучиво гранки не помали од 15 сантиметри и тоа во месеците август и септември – појаснуваат од МЖСПП.