Метеоролозите предупредуваат: Најавениот циклон од вторник ќе донесе почести и поинтензивни врнежи од дожд и снег

45

Во текот на следните неколку денови, поточно некаде до вторник ќе продолжи променливото време со локални послаби врнежи и тоа од дожд на ниските и снег на повисоките места и на планините, повремено мешавина од дожд и снег има услови и на некои од пониските места, информира метеорологот Славчо Попоски.
Понекаде низ котлините ќе има услови и за појава на замрзнат дожд па затоа крајна претпазливост.
Ќе биде претежно тивко и покрај тоа што на некои места ќе дува слаб ветер од променлив правец па така по одделни котлини и речни долини ќе има услови за појава на магла и на ниска облачност.
Минималните температури на воздухот само понекаде ќе се спуштаат под нулата додека истите на повеќе места ќе бидат околу нулата.
Максималните дневни температури пак ќе се искачуваат во интервалот од 1 до 10 степени додека на југоисток истите можно е да се искачуваат и малку над 10 степени.
Веќе од вторник па натаму како што веќе и најавивме и информиравме, под влијание на изразен циклонски систем кој ќе се формира некаде над Италија ќе имаме почести и поинтензивни врнежи од дожд на ниските и снег на повисоките места и на планините каде снежната покривка значително ќе се зголеми, повремено врнежи од дожд и снег ќе има и на некои од пониските места особено на западот и северот од државава.