Мета порача дека на функцијата останува до 2022, за граѓаните тој е вистински државник

83

Албанскиот претседател Илир Мета по речиси тричасовното испрашување во парламентарната анкетна комисија со прва реакција се јави на неговиот профил на Фејсбук.

Очевидно повеќе од задоволен тој наведува дека е среќен што по две години се вратил во Парламентот, но им порача на оние кои сакаат да го разрешат дека „институцијата претседател останува во одбрана на Уставот до 24 јули 2022 година, кога му завршува петгодишниот мандат”.

Многу сум среќен што се вратив во Парламентот по две години, уште еднаш да кажам дека институцијата Претседател до 24 јули 2022 година ќе биде цврст столб на одбраната на Уставот, демократијата, плурализмот, националниот и јавен интерес, со единствена цел брзо и без доцнење членство на Албанија во Европската унија, напиша Мета на Фејсбук.

Во коментарите албанските граѓани му даваат целосна поддршка на Мета нарекувајќи го „вистински државник”.

По денешниот распит во комисијата, неговото стабилно држење, постојаната насмевка и мудрите одговори на провокациите на дел од членовите на комисијата а што директно беше пренесувано на медиумите, оценка е дека неговиот рејтинг е видно зголемен.
Тоа уште повеќе што по завршување на распитот Мета и тројцата негови советници беа на кафе во кабинетот на претседателот на Парламентот, Грамоз Ручи.

На Мета сега му претстои средба со делегацијата на Венецијанската комисија, која по повеќе средби кои ќе ги има во Тирана, треба да даде мислење околу тоа дали Мета не го почитувал Уставот