Металург загуби и од Бешикташ

16

Македонскиот ракометен вицешампион Металург го претрпе и вториот пораз во Лигата на шампионите, откако на домашен терен во ВИП Арена „Борис Трајковски” загуби од турскиот шампион Бешикташ со 31:27 (14:14).

Избраниците на тренерот Лино Червар, го одиграа првото полувреме со многу осцилации, а фановите можеа да видат многу пресврти. Бешикташ беше тимот кој водеше во поголемиот дел од првото полувреме, а најголемата преднос ја имаше во 18. минута кога направи четири гола разлика 9:5, но Металург со серија од 4:1 за три минути се доближи на негатива од еден гол 10:9. Меѓутоа во наредните пет минути не успеа да ја затресе мрежата на турскиот претставник, кој на најдобар начин го искористи падот на играта на „металурзите” и повторно се одлепи на четири гола во 26. минута 14:10. Сепак ова не им донесе мирна завршница на првиот дел, бидејќи домаќинот со серија четири гол го израмни резултатот и на одморот замина во егал.

Металург прв поведе и направи два разлика во првите десет минути од второто полувреме 19:17, но Бешикташ веднаш успеа да израмни на 20:20 до 40. минута. Но, од овој момент па се до 53 минута Металург постигна само два гола, а Бешикташ го искористи тоа и повторно се одлепи на четири гола 27:23. Во последните пет минути од натпреварот Бешикташ само ја одржуваше предноста и му го нанесе вториот пораз на македонскиот вицешампион.

Најефикасен во македонскиот тим беше Халил Јагањац со 9 гола, Кузмановски и Илиќ постигнаа по 4, а Палевски и Гуглеата по три пати ја затресоа противничката мрежа. Во тимот на бешикташ со по седум гола најефикасни беа Нуиќ и Рамазан, додека поранешниот македонски репрезентативец Немања Прибак постигна шест гола.