Металург е добар само едно полувреме

71

Ракометарите на Металург го претрпеа и третиот пораз во низа во Лигата на шампионите, втор на домашен терен, откако во СЦ „Јане Сандански“ загубија од екипата на Татран Прешов со 24:29.

Како и многу пати до сега, Македонскиот вицешампион потклекна во второто полувреме. И овојпат „металурзите“ во првиот дел целосно му парираа на противникот, но во исто темпо издржаа само уште десет минути од второто полувреме, по што гостите од Словачка експресно се одлепија и го решија прашањето околу победникот на овој натпревар.

Татран сосема заслужено стигна до бодовите, а Металург сепак ќе мора уште да почека за својата прва победа сезонава во најквалитетното клупско ракометно натпреварување.

Најефикасни кај „металурзите“ беа Танкоски, Серафимов и Јагањац со по пет гола, добра партија имаше и голманот Томовски, но и тоа беше недоволно за да се дојде со поволен резултат.

Македонскиот вицешампион во следните две кола го очекуваат две гостувања, во Данска против Силкеборг и во Русија против тимот на Чеховски медведи.