Место со зеленило, Железара ќе биде сардисана со нови индустриски капацитети

299

Општина Гази Баба е во постапка на донесување на три детални урбанистички планови (ДУП за С 17 Блок 2, Блок 3 и Блок 4) за комплексот/фабрика Железара со намена Г-производство, тешка и лесна индустрија.  Во исто време над комплексот/фабрика Железара до обиколницата на површина од 230.000 квадратни метри се води постапка за донесување на три Урбанистички проекти со намена Е 3.1 – постројки за термички, физичко – хемиски и хемиски третман на неопасен отпад (за каков отпад станува збор не се знае).

Жители на населбата Железара реагираат дека со овие ДУП-ови и Урбанистички проекти се зафаќаат нови, огромни празни површини со зеленило.

– Бидејќи загадувањето до сега ни беше малку, еве Општината ќе се погрижи да го засили малку повеќе. Наместо да се намали индустријата и технолошките процеси што ја загрозуваат животната средина, со нив само се зголемува проблемот на загадувањето и се отвораат нови врати за технолошки процеси опасни по здравјето на луѓето и животната средина. Донесувањето и реализацијта на овие планови троструко ќе го зголеми загадувањето, троструко ќе го влоши здравјето на луѓето и квалитетот на животната средина – реагира Валентина Велковска – Трајановска.

Таа смета дека жителите на населбите Железара, Бутел и Автокоманда како и на градот Скопје и населените места над Обиколницата ќе бидат под директно влијание на ново зголемено загадување, емисии на штетни гасови и бучава.

– Затоа, вклучете се во борбата да не се дозволи да дојде до зголемување на загадувањето, да не се овозможи отворање на нови индустриски капацитети, да не се дозволат нови локации за отпад или третман на отпад – вели Велковска – Трајановска.

– Не само што не се замараат за постоечкиве загадувачи тие ќе надополнувале, згради ќе граделе. Еднаш мора да се каже стоп, па незнам која и да е цената. Ако и овој пат железарци и останати жители од околните населби останат слепи при очи, тогаш дефинитивно заслужуваат да испоцркаат како глувци – коментира  Кристијан Узунов. 

Утре во големата сала на општина Гази Баба ќе се одржи јавна презентација на Предлог – Детален урбанистички план за градска четврт С 17 Блок 2, Блок 3 и Блок 4 на која може да присуствуваат сите заинтересирани лица.

Предлог –ДУП-овите за С 17 Блок 2, Блок 3 и Блок 4 се изложени во просториите на УЗ ″Железара″ до 29.04.2021 година, секој работен до 16 часот, каде може да се пополнат анкетните листови и да се дадат забелешки, предлози и мислења.

Забелешките по урбанистичките проекти со намена Е 3.1 – постројки за термички, физичко – хемиски и хемиски третман на неопасен отпад, може да се достават во општина Гази Баба или на имеил gradonacalnik@gazibaba.gov.mk до 30.04.2021 година.

(С.Бл.)